Додека македонската и бугарската влада побрзаа да демантираат дека учествувале во подготовката на нон – пејпер кој предлага македонско – бугарските историски недоразбирања да се решат „со една вистина базирана врз емпириска научна активност, која ќе овозможи двојно дефинирање на националниот контекст и на значење за двата национални идентитети“, и во двете земји се дигна голема врева.
Во Македонија за нон – пејперот владејачката и опозициската партија предизборно си упатија обвинувања.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нон-пејперот за кој се тврди дека Скопје и Софија го договориле во Берлин, за кој Бугарија се предомислила, прв на својата фб страница го објавил австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот, Кристијан Вершуц.
-Кога ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски тврдеа дека постои нон-пејпер кој Заев го договара, од власта кажуваа дека се измислици? Сега кога од австриски новинари се дознава дека не само што бил нуден туку и нон-пејпер е потпишан, предавничката неспособна влада на Заев молчи? Прашањето е од кого доби дозвола Заев да преговара и која е вистинската содржина на нон-пејперот за кој медиумите пишуваат и што сака Заев да скрие од јавноста?, пишива во реакцијата на опозициската партија.
За СДСМ, пак, секогаш кога се наближува изборно соочување со граѓаните, така се зголемува интензитетот на лажни вести, конструкции и измислици од страна на опозицијата.
-Очигледно е дека фамозниот нон-пејпер е пишуван во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за да може Димитар Апасиев да шири лажни вести и да се радува на Фејсбук и другите социјални мрежи. Што друго може да се очекува од политички партии кои наместо конкретни мерки и програми, нудат само лажни вести и невистини. Водењето држава и општини е посложено од пишување статуси на Фејсбук и тоа граѓаните одлично го разбираат и затоа одново ќе го казнат нечесното и неодговорно дејствување, пишува во партиското соопштение на СДСМ.
И во Бугарија не стивнуваат реакциите во јавноста. Бугарскиот колумнист Владо Перев за БГНЕС пишува:
„Во македонско-бугарските односи нема дилеми, ниту на државно, ниту на историско ниво. Македонската државност датира од 8 септември 1991 година, а признавањето на македонската нација е поврзано со АСНОМ и Илинден 1944 година. Пред тоа, имавме само српско / југословенска окупација и бугарска националност, култура и образование. Се друго е само манифестација на македонизмот, апсолутно безначаен за големиот, широк поглед на историјата и државноста. До 1944 година немаше македонска нација, немаше држава, тоа е факт. Нема именување на нешто како „македонско“, пишува Перев.
Перев кој уште се декларира и за македонски Бугарин додава дека „Денес, се е покриено со зборот „мулти“, ставен како префикс на вистинските нешта, но и на многу глупости. Слушаме мултидисциплинарни, мултиетнички, мултиконфесионални и други работи, да слушаме сега за „мулти-перспективен“ пристап кон историјата, т.е. секој да го објасни како што одговара на неговиот, т.е. националните интереси на секоја држава и нација. Ова би било нешто како мулти-перспектива за иднината, со мулти-затемнување на минатото. Проблематичниот нон-пејпер некако дискретно се залага за такви „изгледи од минатото“.
Инаку ТВ Клан ја објави содржината без да наведе извор за нон-пејперот чија цел наводно е за надминување на спорот и отворање на европскиот пат за Македонија. Со него се предлага следново:
„На Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација-држава, при што ќе ѝ се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок, и со тоа Бугарија ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрози долгорочната стабилност и безбедност“, се вели во документот.
Во Македонија, пак, според нон-пејперот, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот „наратив“. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, а здруженијата на Бугарите да добијат заштита и посебна грижа од државата за да негуваат, да промовираат и да изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им биде уставно загарантирано. Се додава и дека „мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ, ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја“.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија информираа дека дека бугарските власти во никој случај не учествуваа во подготовката на документ за решавање на спорот меѓу властите во Софија и Скопје.
И од македонската влада стигна демант. Информираат дека единствен официјален предлог е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ и дека очекуваат создавање на политички услови во Бугарија за решавање на прашањата кои го блокираа процесот на проширување со ЕУ. Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информира дека со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ.
Б.Т.