Аналитичари од регионот за „Локално“: Нон-пејперот на Јанша е обична провокација, не треба да биде предмет на дебата

од Nikola Popovski
662 прегледи

Во понеделникот порталите во Босна и Херцеговина први ја објавија веста за постоење на таканаречен нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша неодамна му го предал на претседателот на Европскиот совет (ЕС), Шарл Мишел. Според пишувањата на сараевските портали, овој нон-пејпер наводно го споменува „прецртувањето“ на границата меѓу Србија и Косово и предвидува можност за отцепување на ентитетот Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство кон Албанија, и припојување на западна Херцеговина кон Хрватска.

Канцеларијата на Мишел ниту го потврди, ниту го демантираше постоењето на таквиот словенечки нон-пејпер, кој според неофицијални информации е предаден минатата есен. Портпаролот на Мишел, Баренд Лејтс, само рече дека не може да потврди дали советот примил таков документ, но дека ќе го провери тоа.

Ниту словенечкиот премиер не ги потврди, ниту ги демантираше тврдењата за постоење нон-пејпер. Во понеделникот вечерта, тој изјави дека станува збор за активности насочени кон „наштетување на Словенија“.

„Претседателот на Советот Шарл Мишел, на кого според тврдењата на опскурните портали физички сум му предал некаков документ, последен пат го видов лани. Со ваквите написи се обидува да се оневозможи нашата цел, бидејќи Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и перспективата на државите од Западниот Балкан во Европската Унија“, наведе Јанша во реакцијата.

Сепак, остануваат неколку неразјаснети прашања, дали ваквите тези треба да се сфатат сериозно или претставуваат само обична провокација?

За политикологот, д-р Алем Максути, нон-пејперот е тотална глупост заснована врз незнаење на историјата и контекстот во кој се распадна поранешната држава.

„Прашање е на факт дека распадот на Југославија за Словенија заврши во 1991 година. Оттогаш словенечката политика и политичари не се занимаваат со трагедијата на Балканот. Исто така, е сосема погрешна претпоставка дека Словенците (бидејќи биле дел од Југославија) се добро запознаени со политичката состојба на Балканот. Долгорочниот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел, е персонификација на тоа незнаење. Во минатото (и денес) тој изговори низа глупости за Балканот, поранешна Југославија и политичката состојба во регионот. Од друга страна, политичкото битие на Јанез Јанша беше фатено во 1991 година, Југославија, комунизмот, длабоката држава и слични глупости. Оттука и таквиот став. Борут Пахор е уште неук и верува во идејата за разграничување што ја отвори на средбата со Комшиќ. Овие луѓе, во политичка смисла, не се соодветни на времето, просторот или проблемите со кои се соочуваме како општество“, изјави политикологот за „Локално“.

На прашањето дали ова може да помине мирно и без крвопролевање, Максути смета дека секако дека не може.

„Секое прекројување на границите е основа за нова воена опција. Но, тоа е глупост што ниту Јанша ниту Пахор ја разбираат. За среќа, ова е документ што не вреди да му се дава толку многу медиумско внимание. Треба да се сфати како глупост и да се игнорира, исто како и Јанша и Пахор на таа тема“, смета тој.

За тоа дали ова е „пробен балон“ на ЕУ и дали некои земји можат да изгубат делови од своите територии, политикологот потенцира дека работата не е толку сериозна.

„Повторувам, ова е глупост што едноставно не треба да биде предмет на дебата. Мора да разберете дека Јанша сака само да се зборува за него, за претседателството со ЕУ (Словенија го презема на 1 јули), за него како голем политичар. Тој тоа го прави заради внатрешно-политички потреби (парламентарни избори се приближуваат), и тој делумно и вистински верува во неговата супериорна позиција како политичар кого светот (ЕУ) го повикува да реши некои проблеми. Сè, буквално сите позиции се погрешни и мислам дека нема смисла дури и да се дискутира за потенцијални сценарија“, верува тој.

Максути смета дека доколку дојде до ваков договор, тој не може да се одобри без потпис на големите сили, како на пример Русија или Кина, но се надева дека никогаш нема да има дискусија за него, дури ни на ниво на прес-конференција, а камоли во Советот за безбедност на ООН.

Професорот по филозофија и политички аналтичар, Драган Бурсач, за „Локално“ изјави дека нон-пејперот на Јанша го сфаќа повеќе како провокација отколку како сериозен документ.

„Сосема е сигурно дека во задкулисните разговори има предлози за поделба на некои територии, но во такви услови, а особено кога станува збор за државата БиХ, тоа не доаѓа предвид. Затоа, според мене, ова се шпекулации и провокации“, вели тој.

Според него, до поделби и крвопролевање околу евентуално губење на територии на екс-ју државите нема шанси да дојде.

„Такво нешто нема и не може да се случи, и токму од причината што е содржана во вториот дел од вашето прашање, а тоа е крвопролевање. Нема теоретска шанса, особено кога станува збор за БиХ да се случи распаѓање на земјата со крворпролевање. На крајот на краиштата, последната војна во Босна е најдобриот потсетник на сите. Заврши со геноцид“, потенцира Бурсач.

Аналитичарот вели многу е лесно е да се игра со туѓите територии и животот на некои далечни луѓе и народи.

„Не верувам дека има официјален документ за поделба на БиХ, но за сите оние што би ја поделиле БиХ, С. Македонија или Црна Гора, нека започнат од своите земји и нека експериментираат во својот двор. Западниот Балкан е заситен од ваквите крвави експерименти“, истакнува тој.

За тоа дали некои од големите сили би можеле да стават потпис на ваков договор, Бурсач не знае дали би дошло до тоа.

„Големите сили, особено Русија и Кина, имаа освојувачка улога на Балканот и никогаш не донесоа ништо добро. Едната (Русија) тоа го прави со сила, а другата (Кина) со должничко ропство. Сметам дека е најдобро да се остави на земјите што постојат на Балканот сами да ги решаваат своите внатрешни прашања, но да бараат излез во Европската унија и НАТО-пактот“, напиша аналитичарот.

Хрватскиот новинар и политички аналитичар Борис Павелиќ, потенцира дека всушност не знаеме ни дали постои нон-пејперот.

„Јанша негираше дека го предал на Шарл Мишел. Европскиот совет, вистина е, не беше јасен: тие прво потврдија дека го добиле, а потоа го негираа. Дури и да постои, мислам дека не треба да се вознемирува премногу за тој документ. Со или без него, постојат многу идеи за ставање крај на кризата на Балканот, а идејата за понатамошно менување на границите не е нова: Тачи и Вучиќ преговараа за поделба на Косово, со поддршка на дел од меѓународната заедница, и во БиХ, Милорад Додик не се спротивставува кога споменува отцепување на Република Српска и обединување со Србија. Тоа е она за што навистина треба да се грижите“, вели тој за „Локално“.

Доколку дојде до таков договор за прекројување на границите, Павелиќ смета дека тоа тешко би поминало мирно.

„Да помине без крв, сите ќе мора да се согласат со тоа, и сите држави на меѓународната заедница, и сите држави од регионот и сите народи во регионот. И тоа, како што е јасно, не е можно“, вели тој.

За наводниот нон-пејпер, новинарот смета дека може да биде пробен балон од ЕУ.

„Од независноста на Косово, земјите од регионот, но ниту ЕУ ниту меѓународната заедница, не дадоа конструктивни предлози за стабилизирање и ставање крај на политичката криза во Косово и БиХ, која се прелева во околните земји, вклучително и во Северна Македонија. Циркулираат различни идеи, многу од нив се многу опасни. Неодамна, претседателот на Словенија, Борут Пахор, ја посети БиХ и ги праша членовите на Претседателството на БиХ: „Може ли да се разделите мирно во БиХ?“ Ова предизвика голем гнев во Сараево, слично на овој наводен нон-пејпер. Доколку Словенија, во пресрет на своето претседателство со ЕУ во втората половина на оваа година, се обиде да започне дискусија за ново рекомпонирање на Балканот, би рекол дека избрале лош момент. Бидејќи веќе комплицираната состојба е влошена од моменталната состојба на светот, оптоварена со глобалниот пад предизвикан од пандемијата“, вели тој.

Во поглед на големите сили, Павелиќ истакнува дека од досегашното однесување на Русија, таа не би имала ништо против ваквото решение, кое нужно би било во корист на Србија, но можеби и за Албанија.

„Кина досега не се мешаше во геостратешки односи на Балканот, но може да се претпостави дека би ја следела позицијата на Русија. Велам, ваквото драматично решение не е изводливо без сечиј консензус – и тоа значи дека не е изводливо. Ако постои нон-пејпер на Јанша, тоа е веројатно само обид да се започне разговор – но лош и контрапродуктивен. Ниту прв, ниту последен пат штетни дипломатски иницијативи доаѓаат од ЕУ“, рече тој.

Вчера заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, во емисијата „Утрински брифинг“, изјави дека е неодговорно од негова страна да влезе во доменот на шпекулациите дали имало или немало нон-пејпер.

„Треба да следиме тоа што официјално пред камери го изјавуваат портпаролите, официјалните лица и словенечкиот премиер Јанез Јанша. Сепак не смееме да бегаме од сериозна македонска позиција по ова прашање, бидејќи се работи за пресериозна теза. Повеќе би сакал шпекулациите на балканските медиуми да ги искористиме како повод за да поразговараме бидејќи таа теза ќе излезе малку, па пак ќе се врати. Во Европа, баш нема промена на границите, последната е во Западна Европа, слободната Ирска држава во 1922 година. Ние треба границите да ги направиме што помалку видливи и што помалку релевантни, а не да се фокусираме на нив, бидејќи тоа нема крај. Со сегашната администрација во Вашингтон, ние ќе видиме еден континуитет на американската политика кон Балканот, кој што во контектс на претходното отворање на оваа теза, амбасадорот Џејмс Пердју цитираше еден од принципите на нашиот Охридски договор, кој вели дека „нема територијални решенија  на етнички прашања“, изјави Димитров.

Во текот на денот се огласи и словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар, кој ги негираше обвинувањата за наводни нон-пејпери велејќи дека станува збор за манипулација и обид за компромитација на владата и претседателот.

За него се дискутирало како неофицијален документ во Брисел минатиот месец, а се приклучиле и Словенија, Унгарија, Бугарија и Грција.

Во него, споменатите земји, наведе Логар, се залагаат БиХ да добие статус на кандидат за членство веднаш штом ги исполни сите услови за тоа и реторички се прашуваа што не е во ред со тоа.

„Дали е целта да се наштети на Словенија, БиХ или на двете земји и да се „пука“ наоколу за некој сепак да „падне“, рече словенечкиот министер за надворешни работи, пренесе „Хина“.

Логар додаде дека Словенија, ни под владата на Јанша не ја променила својата стратегија во надворешната политика и кон регионот на Западен Балкан, која ќе остане високо на списокот на приоритети за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, и оти Словенија ја поддржува европеизацијата на целиот регион.

Никола Поповски

Слични содржини