Нон-пејперот на Вајц: „Во теорија може да се отвори ревизија на Преговарачката рамка, но во пракса таквиот исход е малку веројатен“

Секоја промена на Преговарачката рамка на Македонија би барала едногласност од сите држави членки, вклучително и Бугарија, а тоа е невозможно, вели Стојковски од „Преспа институтот“ за „Локално“

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Facebook/Thomas Waitz

„Иако сценариото во кое мислење на Правната служба би утврдило или посочило на несогласност со примарното право на ЕУ (ДЕУ или ДФЕУ) теоретски може да отвори прашање за ревизија на Преговарачката рамка, вклучително и преку иницијатива од држава членка или политички притисок од Европскиот парламент врз Советот да побара формално мислење, во пракса таквиот исход останува малку веројатен“, вели во изјава за „Локално“, извршниот директор на „Преспа институтот“ и познавач на состојбите, Андреја Стојковски за нон-пејперот на известувачот Томас Вајц за целосно расчистување на нејаснотиите со Протоколот со Бугарија.

Тој потенцира дека секоја промена би барала едногласност од сите држави членки, вклучително и Бугарија, а тоа е невозможно.

Фото: Фејсбук/Андреја Стојковски

Дополнително, додава Стојковски, таквото сценарио би носело значителен политички ризик за кредибилитетот и континуитетот на процесот на проширување управуван од Европската комисија, особено во чувствителен момент за политиката на проширување.

-Оттаму, за мене, далеку пореално е ЕУ да се насочи кон интерпретативни појаснувања, политички декларации или техничко прецизирање на обврските во текот на преговарачкиот процес, наместо кон формално отворање и репреговарање на самата рамка, дециден е извршниот директор на „Преспа институтот“.

Нон-пејперот го поставува клучното прашање: дали вториот протокол е формално и правно обврзувачка компонента на преговарачката рамка на ЕУ или само билатерален инструмент меѓу земја-членка и земја-кандидат без директно правно дејство во Унијата, повикувајќи се на членовите 2 и 49 од Договорот за ЕУ за почитување на човековите права.

Во документот се објаснува дека Протоколот се појави во контекст на, како што пишува „таканаречениот француски предлог“. Наведено е и дека во земјава се покренати постапки пред Уставниот суд, како и дека има конкретни ризици од одлуката на правната служба на Советот на ЕУ.

Државниот советник за европски политики и експерт во областа, Драган Тилев во разговор за „Локално“ појасни дека нон-пејперот е добро таргетиран, има силни правни аргументи, но ограничена политичка моќ. Сепак, истакнува дека е стратешки вреден како алатка , но не како решение“. Документот нема моќ преку ЕП да го урне Протоколот, вели дека тоа е нереално, но од аспект на поширока стратешка платфрома и насока, тогаш е многу корисен.

Тилев: Нон-пејперот е стратешки вреден како алатка, но не како решение – нема моќ преку ЕП да го урне Протоколот со Бугарија

Н.П.

Слични содржини