„Нон сенс е дека јавниот долг нема да се зголеми туку ќе се намали и покрај заемот од шест милијарди евра“: Дали треба да ѝ веруваме на Владата за позајмицата од Велика Британија?

„Ако се земе заем од 6 милијарди, долгот ќе скокне од сегашните 60% на околу 100%“: Колку навистина ќе помогне Договорот со Велика Британија?

од Nikola Popovski
854 прегледи

Шесте милијарди евра од стратешкиот договор со Обединетото Кралство ќе бидат искористени за капитални инвестиции. Завршување на болницата во Штип заедно со зградата на Медицинскиот факултет, студентски дом од 200 легла и изградба на болница и здравствен дом во Кичево, а ќе се реконструкција и болницата во Тетово. Со реконструкција и модернизација на железничкиот сообраќај во дел од Коридорот 10 на потегот од Табановце до Гевгелија се очекува за 10 пати да се зголеми користењето и брзината на транспортот. Договорот подразбира и зајакнување на безбедносните капацитети и сигурноста на граничните премини.

Сепак, се уште не се познати деталите за задолжувањето, како што го велат тоа од опозицијата. Констатираат дека износот е алармантен, дека прво мора да се утврди потеклото на средствата, но и да се објави висината на каматната стапка. Премиерот Христијан Мицкоски досега откри дека не се очекува зголемување на јавниот долг, туку на БДП. Еден од критериумите на овој договор е 70 отсто учество на локалната компонента. За дел од експертите, ваквиот договор со Велика Британија е сличен на минатите договори кои ги имаа склучено претходните премиери уште од независноста на државата.

-Македонските политичари отсекогаш љубеле да ветуваат милијарди, почнувајќи од милијардата на Циле од 1998, преку 8-те милијарди на Груевски од 2009, па сѐ до 8-те милијарди на Заев од 2021. Сите добро знаеме што се случи со тие ветувања, така што навистина не гледам зошто сега би било поинаку, вели за „Локално“, професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Според него, ова се претставува како стратешко партнерство со Британија, што дава некоја тежина, ама деталите од договорот никој не ги видел, а од она што беше кажано, впечатокот е дека договорот само дава основа за соработка во тој обем, не дека тоа и навистина ќе се случи.

-Конкретните проекти кои беа најавени од министерот Николоски – железницата и болниците во Штип и Тетово – се стари проекти, кои се спомнуваат со децении, и никако да се реализираат. Доколку се реализираат сега, се разбира дека тоа ќе биде добро, ама јас останувам скептик околу тоа, посочува Јовановиќ.

Бранимир Јовановиќ

Експертот истакнува дека оваа Влада е на власт веќе скоро година дена и не се покажа премногу вична во реализирање капитални проекти.

-Со буџетот предвидуваа 800 милиони евра инвестиции за оваа година, а за овие пет и пол месеци реализираа само 150 милиони евра, или само една половина од она што требаше во овој период. Помпезно ја најавуваа милијардата од Унгарија и не видовме ама баш ништо од неа. Така што, навистина не гледам зошто сега би им верувал за овие британски милијарди, оценува Јовановиќ.

За тврдењето дека јавниот долг нема да се зголеми туку ќе се намали и покрај заемот од шест милијарди евра бидејќи БДП-то ќе расте, професорот вели дека е апсолутен нон-сенс. Јавниот долг моментално е околу 10 милијарди евра, а БДП во 2024 беше нешто под 16 милијарди. Според Јовановиќ, ако се земе заем од 6 милијарди, долгот ќе скокне од сегашните 60% на околу 100%.

-Можеби на долг рок ќе се намали, ако проектите се реализираат и почнат да даваат принос. Ама на краток, неминовно ќе порасне, дури и ако не се земат сите овие 6 милијарди наеднаш. Тоа само по себе не е проблем – ако долгот расте заради значајни капитални проекти, тоа е во ред. И кога правите куќа мора да земете кредит. Ама Владата никако не смее да кажува дека долгот нема да порасне, туку приказната мора да биде – долгот сега ќе порасне на краток рок, ама на долг, кога ќе се реализираат проектите, ќе се намали. Со тоа што, повторно морам да кажам – голем скептик сум дека било што од ова ќе се реализира, заклучува соговорникот.

Инвестициите во инфраструктурата, особено во Железницата на Коридорот 10, остануваат сериозен предизвик на Владата, откако се стави потпис на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. Според директорот на МЖ Инфраструктура, целосно ќе се обнови постојната траса на пругата за возовите да возат со брзина од 160 километри на час за патничкиот сообраќај. Ќе се изгради и нова пруга со два колосека. Паралелно со изградбата на пругата, ќе се реконструира и Железничката станица во Скопје. Предвидено е и изградба на пруга до Меѓународниот аеродром Скопје, односно изведувачот во исто време да проектира и да гради.

Зоран Ивановски

За унверзитетскиот професор, Зоран Ивановски, стратешкото партнерство со Британија може да биде силен импулс за раст и развој на националната економија. Секако, вели тој за „Локално“, на државата ѝ требаат средства за финансирање на крупните капитални проекти, но мора да се следи и фискалната одржливост.

-Потребно е Министерството за финансии да направи сценарио анализа и симулација за да се оценат фискалните ефекти на новите задолжувања и влијанието на јавниот долг, дециден е Ивановски во изјавата.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон негира дека со овој договор се обрзуваме да прифатиме мигранти како што објавуваа дел од медиумите. Напротив вели, договорот е соработка во справувањето со организираниот криминал, трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти. Очекува зголемување на трговската размена, растот, а воедно и подобар животен стандард за граѓаните.

Во рамки на стратешкото партнерство ќе се разговара и за визниот режим – потврдија од британската амбасада. Процедурите за добивање виза се проблем и за бизнисот и за нашите граѓани. Со договорот се отвора ново поглавје клучно и за засилување на политички дијалог и координација во рамките на меѓународните институции и безбедносните предизвици.

Н.П.

Слични содржини