Ландо Норис не можеше да го повтори својот силен настап од првиот викенд на сезоната и заврши на шестото место во квалификациите за спринт во Кина. По завршувањето на сесијата, Британецот го коментираше својот разочарувачки настап и ги откри причините за тешкотиите на патеката во Шангај.
„Направив грешка, ги заклучив гумите на приодот до последниот свиок. Сега имавме повеќе тешкотии, едноставно не бевме доволно брзи. Имав многу проблеми со болидот. Само работите со кои имаме проблеми беа поочигледни денес. Тоа не е ништо повеќе од тоа, искрено. Само премногу грешки, но и многу тежок болид за возење“, изјави Норис.
Британецот објасни дека целиот ден бил обележан со проблеми со блокирањето на предните гуми, особено во последниот свиок, кога спротивниот ветер создава дополнителни тешкотии. Според него, условите на патеката во Кина биле слични на оние во Бахреин, разликата е во посилниот ветер.
„Цел ден се мачевме со блокирањето на предните гуми, особено во последниот свиок со спротивниот ветер. Условите беа слични како во Бахреин, само беше поветровито. Кога има ветер, тогаш страдаме. Мислам дека Оскар и јас и двајцата страдавме многу, дефинитивно имав повеќе проблеми. Само повеќе притискав за да го надополнам недостатокот на брзина“, додаде тој.
Норис призна дека не е сигурен дали проблемите на болидот може да се решат овој викенд, нагласувајќи дека работите главно зависат од болидот, а не од неговото возење. Тој исто така истакна дека ќе треба да ја намали својата агресивност во возењето за да постигне подобри резултати.
„Не знам дали ќе успееме да ги решиме проблемите викендов, повеќе зависи од болидот, а не од мене. Само треба малку да ја намалам агресијата и да не притискам толку. Мислам дека болидот е се уште добар и во добар прозорец. Можеби нема да можеме да стигнеме до челото, но секако можеме да бидеме понапред”, заклучи Норис.