Норис му препорача на Верстапен да размисли за кариера во шоу-бизнисот

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Ландо Норис го советуваше Макс Верстапен да размисли за кариера во шоу-бизнисот, откако четирикратниот светски шампион во Формула 1 рече дека можел да ја освои титулата во Мекларен или Ферари. Холандскиот возач на Ред Бул го запечати својот четврти последователен трофеј викендот во Лас Вегас, откако води пред Британецот од Мекларен со 63 поени.

Верстапен рече дека ќе беше „повеќе или помалку исто“ со болидот на Ферари, но „ќе беше малку потешко“ со Мерцедес.

„Тој треба да стане комичар или нешто слично. Може да каже што сака, но секако дека воопшто не се согласувам со неговото мислење. Да, тој е многу добар, но тоа е далеку од вистината“, изјави Норис, цитиран од Ројтерс.

Верстапен освои осум Гран При оваа сезона, но Мекларен води во поредокот кај конструкторите со 24 поени пред Ферари, додека Ред Бул е трет. Сите четири водечки тимови имаат најмалку една трка со двојна победа годишно, при што Мерцедес тоа го направи во Лас Вегас преку Џорџ Расел и Луис Хамилтон.

Норис има многу конкурентен тимски колега во Оскар Пјастри и Шарл Леклер вози за Ферари со Карлос Саинц и перформансите на двајцата се изедначени. Ред Бул за поени главно се потпира на Верстапен, бидејќи Серхио Перез нема најдобра сезона.

„Тој мора да ја заврши целата работа сам, а јас му симнувам капа. Макс нема конкуренција во тимот и никој не се обидува да му направи нешто поинаку со болидот. Податоците немаат толкава тежина ако нема некој, кој вози на исто ниво“, продолжи Норис.

„Постојат неколку работи кои Макс ги прави на феноменално ниво. Сигурно е тешко да се одржи константноста без тимскиот колега да ве турка напред. Но, во исто време, тој не е под притисок. Нема кој да победи во неговиот тим. Тоа мора да донесе утеха“.

Слични содржини