Нормално ќе ги извршува своите обврски во министерството и истовремено ќе биде кандидат, вели премиерот за Меџити

од Nikola Popovski
26 прегледи

При крајот на август ќе биде комплетиран списокот со кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници и ќе бидат познати и имињата за општините за кои се уште не е соопштено. По кандидатурите на Изет Меџити и Фатмир Лимани за градоначалници, Владата нема да назначува нови министри затоа што тие не дале оставки и ги извршуваат своите обврски во ресорите, а имаат и свои заменици.

Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник за изградба на нова спортска сала.

Во однос на комплетирањето кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека имаат дилеми меѓу неколкумина во неколку општини.

-Имаме уште неколку дилеми, во суштина сите се тие кандидати кои ќе имаат големи шанси, да не речам – се победници на локалните избори, но имаме дилеми помеѓу неколкумина во одредени општини. Сега е сезона на годишни одмори, сакаме да направиме детална аналза и скенирање – и во рамки  на општината во која ќе се кандидираат, кај граѓаните, но и во рамки на партиската структура. Тие анкетирања и скенирања на состојбата ќе ги направиме по 15-20 август така што при крај на август очекувајте да ги комплетираме списоците, изјави Мицкиски.

На прашањето дали ќе има реконструкција на Владата и се размислува ли кој ќе дојде на местото на министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити, откако тој ја најави кандидатирата за Чаир, и на местото на Фатмир Лимани, кој ќе биде кандидат на Вреди за Кичево, премиерот одговори дека тие не поднеле оставки, дека ги извршуваат обврските, но и оти секој министер има и свој заменик-министер.

-Тие не поднесоа оставка. Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истровремено ќе бидат кандидати. Тоа не е првпат да се случува, често пати се случувало во минатото. Така што, сето тоа што значи нормално функционирање на институциите, ќе продолжи во таа насока, додаде Мицкоски.