
Водечкиот американски стручњак за заразни болести, Ентони Фаучи, изјави дека враќање на целосна нормалност во секојдневниот живот не може да се очекува оваа година.
Според него, коронавирусот може да се појави во неколку циклуси, поради што не може да се очекува враќање во нормала годинава.
„Се надевам дека ќе се утврди одреден степен на вистинска нормалност во следната година, или така некако, но не мислам дека ќе биде оваа зима или есен“, рече Фаучи во интервју за британски „Телеграф“, додавајќи дека коронавирусот сепак ќе биде нешто подолго присутен.
Фаучи исто така рече дека забраните за патувања на некои меѓународни рути не може да се очекува наскоро да бидат укинати и дека, судејќи според стапката на ширење на инфекцијата, ќе трае со месеци, не само со недели.
Тој ги предупреди учесниците во демонстрациите против расната неправда за ризикот од инфекција со коронавирус на масовните собири, дури и ако се користат заштитни маски.
Според Си-Ен-Ен, Фаучи изразил оптимизам во врска со успешниот развој на вакцината против коронавирусот.
„Имаме потенцијални вакцини – четири или пет од нив – кои бележат значителен напредок … Врз основа на сè што се гледа во резултатите во рана фаза, можно е да се замисли дека ќе добиеме две или три успешни вакцини“, објасни Фаучи.