Норвешка ги достави документите за признавање на палестинскиот премиер

од Nikola Popovski
276 прегледи

Норвешкиот министер за надворешни работи, Еспен Барт Еиде денеска во Брисел му ги предач дипломатските документи на палестинскиот премиер Мухамед Мустафа, што е последен потег на оваа скандинавска земја со цел да ја признае Палестина.

Премиерот Мустафа во понеделник во главниот град на Белгија ќе се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија и со високи претставници на блокот.

Ирска и Шпанија, како и Норвешка, најавија признавање на Палестина, што е исто така историски потег што ја зголемува изолацијата на Израел, по повеќе од седум месеци војна против Хамас во Газа.

Официјалното признавање од Норвешка, Шпанија и Ирска, кои имаат пријателски односи и со Израелците и со Палестинците и долго време се залагаат за палестинска држава, е планирано за во четврток.

Одлуката на трите земји е добредојден поттик во поддршката за палестинските функционери кои со децении се обидуваат да основаат држава во Источен Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа, територии што Израел ги зазеде во Шестдневната војна во 1967 година и се уште ги контролира.

Повеќе од 140 земји, или над две третини од членките на ОН, ја признаваат палестинската држава, но повеќето од 27-те членки на ЕУ не ја признаваат. Неколку најавија признавање, но „кога ќе има услови“.

ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, ја поддржуваат идејата за независна палестинска држава, но велат дека тоа треба да биде дел од договорот постигнат преку директни преговори.

Белгија, која претседава со ЕУ, соопшти дека прво треба да се ослободат израелските заложници кои ги држеше Хамас и дека конфликтот во Газа мора да заврши.

Некои други земји, исто така, поддржуваат нова иницијатива за решавање на деценискиот конфликт, 15 години откако пропаднаа мировните преговори меѓу Израел и Палестинците.

На доставувањето на документот во петокот му претходела наредба на највисокиот суд на ОН Израел веднаш да ја прекине воената офанзива во градот Рафах на југот на Појасот Газа.

Претходно, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд побара налог за апсење на израелските лидери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху и претставници на Хамас.

Војната во Газа започна на 7 октомври минатата година со напад на палестинските екстремисти предводени од Хамас, кои ја пробија границата и убија околу 1.200, а киднапираа повеќе од 250 луѓе.

Подоцна, повеќе од 35.000 Палестинци беа убиени во израелската офанзива.

Слични содржини