Норвешките власти планираат да ги укинат сите мерки против коронавирусот од 17 февруари.
Премиерот на Норвешка, Јонас Гар Стере, на прес-конференција најави дека денеска во 23 часот ќе се ублажат мерките против Ковид-19, а ќе бидат целосно укинати на 17 февруари.
Тој зборуваше и за деталите по тој повод.
„Од 23 часот вечерва повторно ќе биде дозволено да се служи алкохол во рестораните, а ќе се укине и ограничувањето на бројот на гледачи на активностите, вклучително и театрите и спортските натпревари“, рече Стере.
Тој додаде дека високата стапка на вакцинирани против корона е голем успех во борбата против пандемијата и дека доколку нема неочекувани ситуации, сите мерки ќе бидат укинати од 17 февруари.
Во Норвешка, на 25 септември 2021 година, беше објавено дека ширењето на инфекцијата со коронавирус е под контрола и дека сите мерки се укинати. Тогаш бројот на заразени излезе од контрола, па рестрикциите беа повторно воведени на 12 ноември.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека бројот на починати од Ковид-19 во Норвешка е зголемен на 1.440, а на заразените на 781.049.
И данските власти претходно донесоа одлука за повлекување на Ковид-19 од категоријата критични болести, а од денеска се укинаа сите ограничувања во таа земја.