Норвешките власти им дозволија на Equinor и неговите партнери да го зголемат производството на гас во текот на летните месеци поради зголемената побарувачка во Европа, соопшти во средата државната компанија за нафта и гас.
Норвешкото Министерство за нафта и енергија издаде приспособени дозволи за производство кои ќе го зголемат производството во полињата Troll, Oseberg и Heidrun.
„Во разговорите со властите и нашите партнери, сега преземаме чекори за одржување на зимското ниво на високо производство“, рече извршниот потпретседател за истражување и производство на Equinor, Кјетил Хове во изјавата.
Така, Oseberg ќе може да го зголеми извозот до 30 септември за околу милијарда кубни метри, или околу 15 до 20 отсто во тековната гасна година. Годинава би произвеле околу седум милијарди кубни метри гас, посочуваат во Equinor.
Планираниот прекин на производството заради одржување е одложен за септември, додаваат оттаму. Беше одобрено и барањето за зголемување на производството на гас во Heidrun за 400 милиони кубни метри или околу 30 отсто.
Доколку се намали производството на други полиња, одобрено е барање и за зголемување на производството во полето Troll, на 38 милијарди кубни метри, што е зголемување за една милијарда кубни метри или три отсто годинава.
Oseberg и Heidrun заедно можат да произведат 1,4 милијарди кубни метри, што може да ја задоволи побарувачката на 1,4 милиони европски домаќинства во текот на годината, се вели во соопштението на Equinor.
Hammerfest останува затворен
Кон крајот на јануари, компанијата објави дека поправките на фабриката за втечнување гас Hammerfest по пожарот ќе траат подолго од очекуваното, продолжувајќи го прекинот на производството за шест недели до средината на мај.
Фабриката Hammerfest е затворена од септември 2020 година и може да преработува 18 милиони кубни метри гас дневно со полн капацитет и е единствената голема фабрика за втечнување гас во Европа.
Рекордна добивка
На почетокот на февруари, Equinor објави рекорден профит во последниот квартал од 2021 година, благодарение на силниот пораст на цените на енергијата и украинската криза што поттикна пораст на побарувачката за норвешки гас бидејќи Европа почна да ја намалува својата зависност од испораките од Русија.
Прилагодената добивка пред оданочување скокна на 15 милијарди долари во четвртиот квартал од минатата година, што е највисоко ниво од основањето на Equinor. Во истиот период во 2020 година, таа изнесуваше 756 милиони долари.
Прилагодените вкупни приходи се повеќе од двојно зголемени, на 31,8 милијарди долари, што Equinor го објасни со „невидено“ повисоките цени на нафтата и европските цени на гасот и го истакна зголеменото производство.
Производството на нафта и гас порасна за шест отсто во последните три месеци од минатата година, на 2,16 милиони барели еквивалент на нафта дневно. Компанијата на крајот на јануари предвиде дека годинава ќе го зголеми производството на нафта и гас за два отсто.