Норвешките власти: Нападот со лак и стрела најверојатно е терористички акт

од Nikola Popovski

Нападот со лак и стрела во Норвешка, при што дански државјанин уби пет лица, најверојатно претставува терористички акт, објавија властите.

Синоќешниот напад на Данец кој со лак и стрела, a можно и со друго оружје тероризираше граѓани на неколку локации во Конгсберг, ја шокираше Норвешка, а полицијата се уште не соопштува многу детали.

Полицијата во Конгсберг, место со 26.000 жители недалеку од Осло, изјави дека 37-годишниот напаѓач бил во контакт со полицијата пред злосторството.

„Од она што го знаеме досега, јасно е дека некои жртви, веројатно сите, се убиени откако полицијата била во контакт со сторителот“, соопшти полицијата.

Меѓу жртвите има четири жени и еден маж, на возраст меѓу 50 и 70 години, а три лица се повредени во нападот.

Полицијата наведе дека го уапсила осомничениот половина час откако добиле дојава дека испукал стрели во центарот на Конгсберг.

Обвинителството за Асошиејтед прес изјави дека по апсењето, осомничениот „јасно опишал што направил и призна дека убил пет лица“.

Норвешката агенција за безбедност ПСТ наведе различни аспекти на нападот како објаснување на позицијата дека потезите на осомничениот „во моментов делуваат како терористички акт“.

Агенцијата додаде дека напаѓачот бил под неговиот радар, но не наведе зошто.

Полицијата го опиша како личност која премина во исламот и беше етикетирана како радикал.

Масовните убиства се реткост во Норвешка, каде што стапката на криминал е ниска, а нападот веднаш доведе до споредба со злосторството од јули 2011 година, кога десниот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе во земјата, користејќи бомба, пушка и пиштол.

Фото: Profimedia

Слични содржини