Нова збирка поезија „Печатот на вистината“ од Игор Поп Трајков во издание на „Македоника“

од Vladimir Zorba
94 прегледи

На 21 месецов во издание на „Македоника“ беше објавена новата збирка поезија од Игор Поп Трајков „Печатот на вистината“. Овој издавач е специјализиран за електронско издавање на македонски автори и дела на македонски јазик. Ширум светот има десетици илјади корисници при што зачленувањето на овој линк www.makedonika.mk е бесплатно.

Овој автор до сега има напишано 30 драми (вклучувајќи ги и едночинките), околу 1000 страни поезија, неброена есеистика, теорија, филозофија и се  има испробано во сите области на публицистиката; особено впечатливи му се интервјуата со познатите интелектуалци, уметници и писатели измеѓу кои и оние со Харолд Пинтер, моменталниот претседател на европската филмска академија Кшиштоф Зануси (2 пати), Тери Џоунс и многу други. Наскоро ќе го заврши својот прв роман.

Пишува и на други јазици- влезе во строгата селекција на најреномираниот италијански натпревар за поезија „Вијаџи ди верси“, а поемата со која учествуваше „Девојче слободно инспирирано од цртан филм“ му беше објавена од познатиот издател „Фелтринели“ во рамки на проектот „Ил Мио Либро“(„Мојата книга“).

Игор Поп Трајков е и голем и отворен борец против диктатурите и кршењето на човековите права. На оваа релација му е и новата збирка поезија „Печатот на вистината“ каде како што се вели во предговорот: „Намерната двосмисленост на насловот на оваа збирка укажува дека станува збор за поезија која е инспирирана од хипокризијата на современата цивилизација. Значи не знаеме дали на вистината ѝ е удрен некаков печат или вистината одбележува со својот печат. Но она што е сосема недвосмилено е дека нужноста од вистината се појавува секогаш кога цивилизацијата има потреба од прогрес. Ова е произнесено со нежни тонови или силни крешенда бидејќи поезијата со својата вистинитост е многу поблиску до музиката отколку до литературата.“ И во овој случај Игор Поп Трајков ни го претставува својот автентичен интелектуален, но брзо читлив поетски стил базиран на збиеноста, музикалноста и неочекуваноста на стиховните композиции.