Елегантен, моќен и стилски, освежениот „Aero 8“, со новиот дизајн со видливи визуелни и механички промени, ја прави петтата генерација на овој модел најрафинирана од сите досегашни на автомобилската компанија „Morgan“.


Реномираната „Morgan“ има долгогодишно искуство и претставува препознатлив бренд за производството на спортски кабриолети со две седишта, кои се елегантни, префинети и истовремено лесни и пријатни за возење. Во новиот модел на „Aero 8“ е пресликана дизајн-формулата на „Morgan“ за префинети, лесни и функционални возила. Моделот претставува спој од деликатното занаетчиство и високите перформанси што се клучен фактор во современиот автомобилски џет-сет свет.


Дизајнот на „Aero 8“ е инспириран од класичните кабриолети од 1960-тите, кои се карактеристични по долгите и ниски контури и внатрешноста во кабински стил. Автомобилските познавачи велат дека внатрешниот дел наликува на ентериер на брод, оддавајќи уште поголемо чувство на луксуз и фантазија за авантури и бегство од реалноста. Моделот „Aero 8“ се продава во ограничени количини, а дизајнот може лесно да се приспособи според потребите и желбите на купувачите. Достапни се огромен број комбинации на бои за надворешноста и кожени материјали за ентериерот на автомобилот.


