Нов бран инфлација ни тропа на врата, војната меѓу Израел и Иран опасност и за Македонија

од Nikola Popovski
829 прегледи

Војната меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок и во Македонија. Експертите предвидуваат дека тоа ќе се случи, бизнисот прави калкулации кои би биле евентуалните последици од конфликтот врз економијата, а првиот удар го почувствуваа граѓаните со растот на цените на бензините. И покрај тоа што зголемувањето на нафтените деривати беше мало, сепак ова е првиот знак дека новиот бран на инфлација ни тропа на врата. По нападите на Израел врз Иран, цената на светските берзи на нафтата Брент се зголеми за десетина долари.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски деновиве најави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија. Но се надева дека по овој раст цените ќе се стабилизираат, како што беше случај со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

Од Владата велат дека и покрај тоа што цените на горивата се многу високи не можат да влијаат, бидејќи се работи за берзански производ. Но, будно ќе ја следат состојбата на светско ниво и доколку е потребно ќе преземат мерки.

Претседателот на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски вели дека се уште е рано да се каже дали воениот конфликт меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок, но секако дека ќе има влијание ако војната потрае.

Горан Ѓорѓиевски

-Можно е да има притисок на цените поради поскапувањето на нафтата и гасот. Немора да значи дека ќе има директно влијание врз зголемување на цените на храната и врз економијата. Да почекаме зашто војната е на почеток. Ние сме мала економија и сите глобални, светски потреси и случувања се рефлектираат кај нас. Но, доколку дојде до поголемо зголемување на нафтата и енергенсите можно е ново поскапување како на глобално ниво, така и кај нас, вели Ѓорѓиевски за „Локално“.

Економскиот аналитичар, Синиша Пекевски смета дека цената на нафтата ќе влијае на цените на производите онаму каде таа е главен енергенс во производството.

Синиша Пекевски

-Секако дека ќе влијае врз цените на производите каде нафтата влегува како енергенс. Но, компаниите дополнително ќе го искористат овој момент и ќе ги покачат цените без разлика дали користат нафта во производството и колкав удел има таа во цената на крајниот производ. За да не се случи нов ценовен шок државата и институциите треба да контролираат што се случува на глобално ниво и дома, вели Пекевски за „Локално“.

И академик Таки Фити смета дека ако продолжи воениот конфликт меѓу Иран и Израел ќе има импликации врз инфлацијата, односно ќе се зголемат производните трошоци на сите бизниси што е многу сериозен проблем.

-Војната Украина – Русија, трговската војна наметната од Трамп, сега Иран – Израел. Целото опкружување станува многу поризично и има силни негативни импликации и врз економијата и врз целокупниот развој на земјите. Цената на нафтата е многу значајна зашто е импут во производство на огромен број производи – од една стана е енергент, а од друга многу производи технолошки базираат на користење нафта. Кога беше енргетската криза, енергенсите многу поскапеа и тоа не резултираше со рецесија, но беше блиску до рецесија. Многу земји беа блиску до стакфлација, едновремено присуство на ниски стапки на економски раст и на релативно висока инфлација и висока невработеност. Ако ова продолжи, ќе има импликации. Може да проработат инфлациските тенденции. Тоа е опасност за Македонија. Кога беше енергетската криза ние имавме малку повисока стапка на инфлација за разлика од други земји, прво зашто е таква структурата на нашата економија и увозната зависност за многу производи и енергија е прилично голема па како растат цените во тие земји, така таа инфлација се увезува и кај нас. Зависи колку ќе трае војната, тоа ќе ги зголеми трошоците на производство на сите бизниси и тоа е многу сериозен проблем, изјави академик Фити.

Б.С.

Слични содржини