Над 30 проценти од анкетираните превозници членки на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ се соочиле со проблеми откако во нивниот камион нелегално се уфрлиле мигранти. Плаќање високи парични казни и над 4.000 евра, притвор и долги судски постапки за докажување невиност во превоз на мигранти иако немаат инволвираност се чест проблем на превозниците во товарниот превоз. Стравот за такво нешто е секојдневие во нивното возење кон западноевропските држави откако изминатите 30 дена мигрантите во поголем број повторно се вратија на патиштата, по малиот прекин на почетокот на кризата со КОВИД-19.
Последниот случај за кој ни раскажаа од надлежните домашни институции е од пред неколку дена, кога на ГП Богородица при влез во државава возач на камион, наш државјанин кој товарел стока во Турција, на царинските службеници им пријавил сомнеж дека во приколката има луѓе. Царинските службеници најпрофесионално постапиле во случајот, а по симнување на пломбата констатирале дека во приколката има седум мигранти и во координација со полициските служби на ГП Богородица го предале предметот во нивна надлежност. Возачот на камионот по спроведената истрага е ослободен да го продолжи патувањето бидејќи се докажало дека мигрантите илегално биле уфрлени во неговата приколка, односно дека тој нема вина. Но таков среќен крај немаат сите вакви случаи, покажуваат искуствата на транспортните асоцијации на нашите превозници.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата на камионски транспоретри Макам-транс, за МИА појасни дека возачите вршејќи го превозот на стока мора да ги почитуваат и правилата на Европскиот договор за работа на екипажот на возилата во меѓународниот патен транспорт (АЕТР) за работно време, време на возење и задолжителни дневни и неделни одмори. Со тоа, укажува, стануваат лесна цел на криминогени структури, кои им помагаат на мигрантите да се качат во товарниот простор на возилата или ги качуваат уште и при товарењето на стоката на местото за товарење.
Возачите користат платени паркинг-плацеви таму каде што ги има, но и простори на бензински станици направени за таа намена. На целиот транспортен коридор, укажува, не постојат безбедни простори за паркинг на товарни моторни возила.
– Со овој чин му се нанесува огромна штета на превозникот и тоа со оштетување на царинска сајла, сечење церада, но и со уништување на дел од стоката што ја превезуваат и честопати таа во целост или делумно не се прима на местото на истоварување ( храна, медицински препарати и сл.). Превозниците кои имаат ЦМР-осигурување наидуваат на проблем кај осигурителните компании, кои самите си толкуваат дека оштетена стока со влез на мигранти во товарниот простор не може да се третира како одговорност на превозникот, заборавајќи ги притоа основните правила на ЦМР-конвенцијата (Договор за меѓународен патен превоз) и Законот за договорите за превозот во патниот сообраќај, каде што јасно е наведено дека за стоката е одговорен превозникот од моментот на преземање на стоката, па сè до нејзино истоварување во местото за прием на стоката, без разлика на причината за нанесената штета, освен ако се работи за груба небрежност на возачот, изјави Муратовска.
Превозниците, дополнува, исто така, неосновано се казнуваат и тоа редовно од страна на хрватската царинска служба, делумно во Грција и во Англија, иако полициските записници што се прават со истрага на самото место јасно укажуваат дека нема инволвираност на превозникот и возачот во чинот на превоз на мигранти.
– Хрватската царина го користи Законот за царина каде што се казнува нарушување на царинскиот простор и ги казнува превозниците со минимум 4.800 евра, иако во првата година казната беше 100 евра. Очигледно е дека нашле начин да остварат огромен прилив за буџетот на Хрватска по оваа основа. Англија спроведува слични казни, кои значат казна за возачот и посебно за превозникот по број на откриени мигранти во товарниот простор на возилото (на пример, 250 фунти по човек за возачот и 450 фунти по човек за превозникот). Грција ги казнува сите оние превозници кои не пријавиле сомнеж дека имаат мигранти пред да дојдат на царински терминал во внатрешноста на државата или на одредени гранични премини, не водејќи сметка дека товарниот простор е разделен од кабината на возачот и најмалата должина е 12 и 30 метри, бучавата од моторот и пневматиците што се создава со движење на возилото. Нивните казни се најригорозни, се запленува возилото, за возачот се одредува притвор, а за ослободување на товарената стока се плаќа минимум 2.000 евра, судскиот процес трае најмалку шест месеци, што значи штетата е огромна на превозникот, кој половина година ќе има нефункционално возило. Најчесто возачите се ослободуваат со платена кауција и гаранција дека ќе се јавуваат на судските рочишта, укажува генералната секретарка на Макам-транс.
Над 11 здруженија на превозници од регионот во декември 2018 година потпишаа декларација со која бараа помош и поддршка од националните влади, но и од Европска Унија за да се укинат неправедните казни за превозниците во случаи кога е докажано дека нема никаква вина на возачот, односно и превозникот. Се ангажираа адвокати во Хрватска и Велика Британија, Грција, но, вели Муратовска, без каков било успех.
– Во почетокот на пандемијата на коронавирусот имаше мал прекин на движење на мигрантите, но во последните 30 дена повторно се вратија по патиштата и им нанесуваат огромни штети на превозниците, но и на стоките што се превезуваат. Во вакви случаи особено што мигрантите се движат кон Западна Европа, Европската комисија треба да се заложи и да бара во сите држави да се применуваат изедначени процедури и постапки во случаи на откриени мигранти во товарниот простор на возилото каде што е докажано дека нема инволвираност на возачот, односно превозникот и да се престане со неправилно и нерационално казнување на жртвите, наместо на виновниците, изјави Муратовска.
И од транспортната асоцијација СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ велат дека во тешките услови на работење во време на пандемија, транспортерите дополнително се погодени од проблемот со мигрантите.
– Меѓународниот патен транспорт е најчеста цел на мигрантите. Во своите обиди нелегално да ги преминат границите, без знаење на возачите, мигрантите влегуваат во камионите на паркинг покрај автопат, во насока на границите, или применуваат и методи што може да им го загрозат животот, изјави Лефтер Андонов, управител на АМЕРИТ.
Истражувањето на оваа асоцијација од минатата година помеѓу членките за нивното искуство со мигранти откриени во нивните возила резултирало, како што вели, со алармантни одговори.
– Освен одговорите, добивме и дополнителна документација, тужби и казни од револтираните превозници. Над 30 проценти од испитаниците се соочиле со овој проблем, а најчести казни се плаќани поради влегување на мигранти на Бајаково, Хрватска. Беше нагласено дека на овој граничен премин, мигрантите организирано и нелегално влегуваат во возилата, без знаење на возачот, најчесто причинувајќи штета на стоката што се превезува и секогаш завршува со парична казна, која изнесува околу 4000 евра, наведува Андонов.
Тој упатува на ставот на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) дека миграцијата е глобален, хуманитарен, социолошки, политички и економски предизвик за владите, меѓународните организации и општество како целина.
– Решението за нелегалната миграција бара ефикасна контрола на високо ниво, а транспортната индустрија не може да преземе државни функции. Потребна е заштита на превозникот од одговорност, особено при меѓународен транспорт, каде што различни земји (земји членки на ЕУ) применуваат различни правила. Потребен е заеднички ефикасен механизам за борба против нелегалната миграција, рече Андонов.
Ги советува транспортерите да ги следат најдобрите практики (кои може да се најдат на нивната веб-страница или на барање од нивните простории), кои предлагаат мерки и процедури кои патните транспортни оператори и нивните возачи треба да ги почитуваат, за да се заштитат од последици и да ги минимализираат економските загуби кои може да ги претрпат поради нелегалните мигранти.
Во решавањето на овој проблемот со нелегалниот транспорт на мигрантите заедно со превозните асоцијации работи и Националниот координативен центар за гранично управување. Тие досега презеле повеќе активности поврзани со големиот прилив на мигранти на кои крајна дестинација им се државите од Западна Европа, проблем што е изразен во последните три години.
Владимир Пивоваров, координатор во Националниот координативен центар за гранично управување, вели дека главно решение за овој проблем е разбивање и апсење на организаторите на нелегалниот транспорт на мигранти, но и прифаќање на издржаните иницијативи за усогласени процедури за превозниците со што тие би ја докажале нивната невиност. Оваа институција подготвила анализа на ризик, во соработка со други надлежни организации и здруженија поделиле 10 000 летоци со информации и совети за превозниците. По нивна иницијатива во април лани со поддршка од ОБСЕ во Скопје се одржа и меѓународна конференција со претставници од царинските и полициски служби од земјите од Југоисточна Европа.
Како што вели Пивоваров, за жал, сè уште од ниту една од владите учеснички на состанокот што по нивна иницијатива лани во Скопје го организираше ОБСЕ нема одговор за предлогот што го доставил нашиот Национален координативен центар за задолжително поставување камери во багажниот простор на возилата. Видеоматеријалот би бил прифатен како доказен материјал, а за тоа да се случи во пракса сите земји треба да го сменат законодавството за да има усогласена постапка.
– Од наша страна беше даден предлог земјите учеснички на оваа конференција на највисоко можно ниво сериозно да ги разгледаат нашите предлози кои се однесуваат на откривање и докажување шверц на мигранти со користење електронски средства. Впрочем, предлогот се однесуваше на задолжително поставување камери во багажниот простор во предниот и задниот дел на приколките и поставување на десктоп-монитор на инструмент-таблата кај возачот во возачката кабина, со што возачот 24-часовно ќе има увид во сè што се случува во багажниот простор, а при забележување на уфрлени мигранти во неговиот багажен простор во земјата во која се наоѓа да ја извести полицијата. Видеоматеријалот кој ќе биде снимен на овој начин во истражната и судската постапка да биде прифатен како доказен материјал, за што е потребно сите земји да го сменат своето законодавство во оваа насока. Со ова, ќе може да се докаже дали возачот е дел од организирана мрежа на шверцери или, пак, дека мигрантите се насилно уфрлени, т. е. дека тој е невин. Конференцијата заврши со заклучок владите на земјите учеснички да се изјаснат по нашиот предлог, но, за жал, до денес позитивен или негативен одговор немаме добиено, вели Пивоваров.
По известување од Макам-транс за проблемите на превозниците, пред сè, на ГП Бајаково при влез во Хрватска, презеле активности во рамки на нивните надлежности.
– Во повеќе наврати од нивна страна сме известувани за проблемите со кои се соочуваат нашите превозници, пред сè, на ГП Бајаково при влез во Хрватска каде што од страна на хрватските гранични власти без да се утврди вина на возачот нашите превозници се казнувани со високи парични казни, поради што од наша страна првично беа извршени разговори со тогашната амбасадорка на Република Хрватска во Република Северна Македонија, за потоа со информација да го известиме нашето Министерство за надворешни работи, кое по дипломатски пат бараше одговор од хрватските власти, информира Пивоваров.
Освен кај товарните патни превозници движењето на мигрантите има последици и во железничкиот сообраќај.
– На одредени делови од пругите од различни причини мора да се движиме позабавено, а мигрантите тоа го користат за да се качат на товарните возови. Ние не можеме да имаме прегледност на целиот воз поради должината. Кога ќе забалежиме група како се движи или ако видиме качување, тоа го пријавуваме, изјави Душко Чакаровски, машиновозач во ЖРСМ Транспорт АД Скопје.
Според Беким Лачи, портпарол на Железници на РСМ Транспорт, поради движењето на мигрантите низ пругите, но ЖРСМ трпат материјални штети и изгубено време.
– Кога мигранти ќе се качат на некој од товарните вагони, тие ги оставаат вратите отворени, при што се има случено 14-метарска врата да излета од вагон од големите вибрации за време на движењето на возот. Најчеста штета што ѝ се нанесува на ЖРСМ е изгубеното време, бидејќи кога машиновозачите ќе забележат мигранти качени на нашите товарни вагони, тогаш тие ги известуваат надлежните во компанијата, кои потоа ја известуваат полицијата, и тука настанува прекин на сообраќајот до нивно приведување од страна на полицијата, појасни за МИА Лачи.
Асоцијација Макам-транс има изработено и мобилна алатка, која е прикачена на нивната веб-страница, но може да се симне и на секој паметен телефон за да се пријавува проблем со мигранти или ако возачите ги забележат по главните транспортни коридори за да се реагира навреме и да нема непријатни последици по кој билопревозник од регионот. Апликацијата е бесплатна и достапна за користење на сите паметни телефони и може да се симне на Плеј стор (Play store) https://play.google.com/store/apps/details? или на Еп стор (App store) https://apps.apple.com/us/app/makam-trans-communications/id1480678084. Може да ја користи секој без разлика дали е превозник или не, за да се воведе ред и безбедност по патиштата.
Со потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Макам-транс и Националниот координативен центар за гранично управување се овозможи секоја пратена порака во системот директно да стасува до координативниот центар, а оттаму и до Европол и други координативни центри од државите во Европа. На апликацијата превозниците исто така може да пријавуваат и корупција при нивното транзитирање низ патиштата.