Доколку не се случи поголем пресврт, Ламин Јамал ќе ја продолжи соработката со неговиот матичен клуб Барселона ова лето, веднаш штом ќе стане полнолетен во јули.
Каталонците подготвија договор за шест години, неговите менаџери и семејството ги прифатија понудените услови и засега непозната заработка, па останува само да се стави парафот. Се вели дека во договорот ќе има клаузула за ослободување вредна милијарда евра.
Шпанските медиуми се уште не ја откриваат сумата со која Барса ќе ги „намачка златните нозе“ на детето од нивната фудбалска школа, но сигурно не зажалиле за парите бидејќи тоа е инвестиција во иднината. Со оглед на тоа дека голобрадиот Јамал игра како сениор, одвреме-навреме руши рекорди и освојува лични награди.
Тој и оваа сезона блеска, покажувајќи дека не му е проблем да игра во континуитет, па веќе успеа да постигне шест гола на 16 натпревари, а на соиграчите им асистираше за осум гола.