Нов извештај ја обвинува ЕУ за смртта на над 14 000 мигранти во Средоземното Море

од Vladimir Zorba
101 прегледи

Извештај подготвен од истакнати судии, тврди дека претставници на Европската унија (ЕУ) се одговорни за политики кои довеле до смртта на илјадници мигранти, кои се обидувале да го преминат Средоземното Море од Либија во 2014 година.

Во документот се вели дека овие политики „се еднакви на злосторства против човештвото“ и се повикува Меѓународниот кривичен суд да ги подведе под одговорност вмешаните.

Според адвокатот Хуан Бранко, коавтор на документот и поранешен вработен во Меѓународниот кривичен суд, ако некој обвинител се осмели да ги испита овие раководни структури во срцето на Брисел, Париз, Берлин и Рим, ќе разбере кој навистина бил зад кулисите и настојувал за овие активности кои довеле до смртта на над 14 000 лица.

„Она што е ново во овој извештај не е бројот на жртвите, туку дека тие се резултат на политиката на ЕУ. Ова е спротивно на јавниот дискурс во ЕУ и одговорните земји-членки кои се преправаат дека тоа е само трагедија, дека ништо не може да се стори, за да се спречи и дека тие не играат улога. Ние го демонстрираме спротивното – дека тие ја започнале т.н. „трагедија“ и се обидоа да ја поттикнат, со наметнување на генерален план за контрола на миграцијата“, рече Хуан Бранко.