Таа појасни дека Собранието денеска ги усвоило измените на Кривичниот законик предложени од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, како одговор на укажувањата од Уставен суд. Според неа, доколку не се интервенирало навреме, постоела опасност од создавање правна празнина во казненото законодавство.
„Измените се резултат и на интервенциите направени во 2023 година, кога беа намалени казните за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, а беа избришани и одредени кривични дела. Со тоа, според нас, се создадоа сериозни слабости во системот“, изјави Бојковска во гостување на Канал 5.
Бојковска информираше дека во Министерство за правда веќе работи работна група која го подготвува новиот Кривичен законик. По неговото финализирање, законот треба да добие мислење од Венецијанска комисија, а потоа да влезе во собраниска процедура.
„Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен најдоцна до јуни, а можно е и порано. Станува збор за најсложениот и најсензитивниот закон кој ги засега сите граѓани, поради што мора да се пристапи внимателно“, нагласи таа.
Пратеничката најави дека текстот на законот ќе биде објавен на платформата ЕНЕР, со цел да се овозможи поширока јавна и стручна дебата, вклучително и учество на пратениците во подобрување на конечната верзија.
Таа потсети дека претходните измени на Кривичниот законик биле предмет на критики во повеќе извештаи на Европска комисија и на Стејт департмент на САД, во кои се укажувало на назадување на државата во борбата против корупцијата и гонењето на висок криминал.
„Со новиот Кривичен законик целта е да се спречат таквите слабости и да се зајакне правната сигурност и довербата во институциите“, изјави Бојковска.