„Системот убива, институциите молчат“ и „Пратеници – голема (не)благодарност за поддршката“ беа само дел од денешните пораки што беа испратени од Кочани на шестиот „Марш за ангелите“ во чест на сите загинати и повредени во тешката трагедија во дискотеката „Пулс“.
Маршот започна во 16 часот и 5 минути, а поворката се движеше низ улиците на Кочани. На протестот имаше масовна поддршка за семејствата кои бараат правда за нивните најмили.
Присутните граѓани не се обратија пред медиумите. Протестот доби поддршка и од невладиното движење „Кој е следен“ чии членови допатуваа во Кочани.
Предлог-законот, поднесен од парламентарната група на СДСМ и коалиционите партнери, беше одбиен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во својот предлог, СДСМ бараше:
-еднократна исплата од 80.000 евра за семејствата на загинатите,
-финансиски надомест од 1,2 до 5 милиони денари за повредените, зависно од степенот на инвалидитет,
-државно покривање на трошоците за лекување, психолошка рехабилитација и транспорт,
-образовна поддршка за деца и млади погодени од несреќата, вклучително и стипендии,
-платено отсуство и скратено работно време за родители на повредени деца,
-државна поддршка за преквалификација и адаптација на животен простор за лицата со траен инвалидитет.
Предлогот предвидуваше и создавање независна комисија за проценка и надзор, што би требало да гарантира транспарентност и контрола. Законската рамка ќе се применуваше и на претходни трагедии, вклучително и автобусот кај Ласкарци (2019) и несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија (2021), што дополнително го нагласуваше нејзиниот хуман карактер.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак на ваквото законско решение гледаат како чист популизам и обид на опозицијата да собира политички поени откако на пресконференција пратеникот Бране Петрушевски законот го дефинираше во одредени сфери како несериозен и дека, како што рече, експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии.
Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ објави вознемирувачки фотографии од тешките изгореници кај младите повредени во пожарот. Оттаму истакнуваат дека ова е вистината на повредените. Се надеваат „надлежните конечно да сфатат колку се сериозни последиците од оваа трагедија“. Упатија апел и понатаму да продолжи собирањето на финансиски средства.
Идната недела се очекуваат првите резултати за истрагата во Кочани. Од Обвинителството велат дека продолжуваат со распит и вештачења, но јавно ги повикуваат и сите граѓани кои имаат какви било информации за трагедијата во дискотеката пулс да бидат споделени со тимот на Обвинителството.
Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.