На денешниот Марш за ангелите во Кочани, семејствата и пријателите на загинатите лица во кочанската дискотека „Пулс“ повторно побараа правда за своите најблиски. Верица Трифунова, мајката на Моника Спасова, во обраќање пред Основниот суд во Кочани, рече дека ОЈО ГОКК предолго ја влече постапката што ја започна на 12-јуни 2025 година. Ова се однесува во врска со постапката за осомничените полициски службеници за кочанската трагедија.
-Месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност- нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка. Ќе бидеме тука се додека правдата конечно не биде испорачана. Правдата што доцни, не е правда, кажа Трифунова.
На протестниот „Марш за ангелите“ беше дадена и поддршка на тужените млади сограѓани против кои се води постапка по приватна тужба за настан од 17 март 2025 г., ден по пожарот во дискотеката, кога толпа револтирани млади го демолираа кафулето на сопственикот на „Пулс“ во Трговскиот центар во Кочани. Лицата се тужени од Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов – Деко, газдата на „Пулс“. Двајцата се првоосомничени за пожарот.