Новиот наставен план за основните училишта предвидува 8 задолжителни предмети доколку наставата се следи на македонски јазик односно 9 додколку наставата се изведува на друг јазик.
„Задолжителните предмети ќе бидат поделени во две групи. Едната ја сочинуваат мајчиниот јазик (македонски, албански, турски, српски, односно босански јазик) и математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, кои, како предмети ќе бидат застапени со различен фонд на часови во сите одделенија од прво до деветто. Предметот природни науки опфаќа содржини што традиционално припаѓаат на биологијата, физичката географија, хемијата и физиката, додека предметот општествени науки ќе опфати содржини што традиционално припаѓаат на историјата, општествената географија, граѓанското образование, религиите и етиката“, рече Виолета Петроска Бешка, универзитетски професор.
Со новиот концепт се предвидува задолжителниот престој за учениците од прво до петто одделение во училишта кои работат двосменски да биде 5 саат на ден, од кои 3 до три и полсаати ќе бидат наменети за наставни часови. Додека, учениците од шесто до деветто одделение ќе престојуваат во училиште по 6 саати дневно, од кои 4 до четири и пол саати се посветени на наставните часови.
Покрај задолжителните предмети, училиштата ќе мора да понудат и две листи на изборни предмети. Едната листа е втор странски јазик за ученици и предвидува изучување на германски италијански, француски, руски или албански јазик. Сега учениците ќе избираат кој јазик сакаат да го изчуваат наместо како што беше тоа досега училиштата да одлучуваат во нивно име.
Министерката за образование Мила Царовска повтори дека со спојувањето на предметите нема да се загубат работни места.
МАНУ реагира
Дел од членовите на МАНУ исто така не се согласуваат со намерата да се спои предметот историја со други предмети.
„Ние, членови на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ искажуваме јавна поддршка на стручниот, компетентен и критички став на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со новиот реформски концепт на Министерството за образование и наука (МОН) на наставната програма по предметот ‘Историја’ во државата Македонија и се залагаме за транспарентен, стручен и одговорен однос кон историската проблематика и нејзиниот третман во сите степени на образовниот процес во нашата држава“, стои во соопштението на академиците.
Царовска нема концепт, вели опозицијата
-Во концепцијата се бришат изборните предмети кои се групираат во природни науки и општествени науки. Тоа значи дека нема физика и хемија, интегрирани се, но нема ни историја и тоа во ваков момент на историски настани за Македонија кога се негира идентитетот, јазикот и историјата на нацијата, а целата концепција се прави со цел учениците да имаат функционално знаење, соодветно на општествените збиднувања и реалниот живот. Нешто тука е контрадикторно, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Образовниот концепт е ставен на увид на јавноста и дебата а додколку се усвои ќе почне да се применува од учебната 2021 /2022 година кај учениците од прво и шесто дделение и во рок од пет години би требало целосно да се имплементира.