Нов обид за вооружен напад врз Раде „Штекли“, Тошковски најавува отворена војна против криминалците

од Nikola Popovski
220 прегледи

За денешната фрлена експлозивна направа во двор во скопска Керамидница, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека во изминатите неколку години институционално биле засилени одредени криминални групи во Скопје и другите градови. Според него, се прегледувало низ прсти и им било овозможувано да работат спротивно на законот.

Тошковски на платформа во Владата, одговарајќи на новинарски прашања потврди дека бомбата била фрлена во дворот на Раде Трајковски-Штекли.

-Случајот настанал во 9:20 часот. Информациите кои ги добив се дека лицето не е во животозагрозувачка состојба и дека се постапува од страна на службите во МВР. Тоа можам да го кажам во моментов, кажа министерот.

-Ќе следат и други постапки. Покажавме дека јасно и одлучно ќе се бориме против криминалот. Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во моментов. Лошо е што криминалните банди си хараат и денес, но соодветно и сурово ќе одговориме кои што го попречуваат мирот на македонските граѓани. Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите ќе одговарат на ваквите бандити и криминалци. Мислам дека за краткиот временски период покажавме дека имаме капацитет да одговориме. Отвораме војна против ваквите криминалци, потенцира Тошковски.

Ова е трет обид за убиство кон Трајковски. Минатата година, во период од два месеци, тој беше мета на напади во трговскиот центар „Ист Гејт“.

Во еден од нападите беше погоден со пет куршуми.

Името на Штекли во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран. Неговото име не се споменуваше ниту во последните мафијашки пресметки, кои почнаа со убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“.

Со двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале почна ново прегрупирање во скопското подземје.

Слични содржини