Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој утре ќе го објави годинашниот втор јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД програмата.
Огласот ќе трае до 15 септември годинава.
Финансиските средства се наменети за мерката 101 – инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на европските стандарди, за мерката 103 – инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање и надградба, како и за мерката 302 – диверзификација и развој на руралните економски активности.
Потребната документација за подготовка и поднесување барања, вклучително и упатствата за корисниците на средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 може да се преземат од веб-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk, како и лично во приемницата на Агенцијата или нејзините работни единици од 8:30 до 16:30 часот. /МИА
