Вечерва нов протест за скандалот на Онкологија. Се бара истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Онкологија, но и обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во тетовската модуларна болница и одговорност за случајот со малата Јана од Битола.
Организаторите најавија дека ќе продолжат да протестираат пред владината зграда секој понеделник во 18 часот и дадоа рок дека доколку надлежните институции не преземаат ништо, нема никаква разврска околу овој случај до 1 ноември, тогаш ќе бараат притисок од меѓународната заедница за сите детали околу случувањата во Онкологија да бидат јавно објавени.
Во Собранието беше утврден составот на Анкетната комисија која ќе треба да ги истражува обвинувањата за случајот. Утре на собраниската седница треба да биде потврден изборот и да почне со работа.
Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска на почетокот од месецов информираше дека медицинската сестра била фатена во повторен обид за кражба и дека е отстранета од работа. На новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.
Обвинителството отвори истрага за случајот, откако во медиумите беа објавени текстови за разработена криминална бизнис мрежа на Клиника за онкологија за препродавање на лекови, односно дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.
Според пишувањата на дел од медиумите, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според некои неофицијални информации, терапијата се препродавала на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.
Ваквите обвинувања предизивикаа гнев во јавноста и оттогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.