Нов работнички протест на 1. Мај под слоганот „За плати се бориме и не се молиме“

„Ги повикуваме сите работници, дури и сите прави синдикати на 1. Мај наместо скапи коктели во скапи хотели и во скапи ресторани, да направат првомајски протест на кој ќе покажат дека платите во Македонија се ниски“, рече синдикалецот Трендафилов

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/ССМ

Денеска на прес-конференцијата која се одржа во Работничкиот Дом на ССМ, претседателот Слободан Трендафилов го најави следниот голем работнички протест закажан за 1-ви Мај, што ќе значи одбележување на Меѓународниот ден на трудот и следниот чекор во борбата на ССМ за зголемување на работничките плати.

Тој информира дека “ЗА ПЛАТИ СЕ БОРИМЕ И НЕ СЕ МОЛИМЕ!” е слоганот под кој оваа година работниците ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот. Трендафилов потсети дека минималната плата денеска е усогласена од страна на Министерството за економија и труд без согласност на социјалните партнери, односно без согласност на Сојузот на синдикатите на Македонија и на штета на работниците за само 1.667 денари.

„Тоа што е важно, а според податоците од Управата за јавни приходи кои ги обезбедивме како ССМ е тоа што 50% од работниците во Македонија имаат плата под 600 евра и затоа нашата борба за зголемување на минималната плата е праведна, правична и вреди да се заложуваме максимално за зголемување на истата, затоа што половина од работноспособното население пријавено во работен однос прима плата под овој износ. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината одржа неколку протести и неколку блокади и продолжуваме со протестите, односно на 1-ви Мај повторно излегуваме на улица заедно со работниците“, рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Првиот синдикалец во државата ги повика сите работници и сите прави синдикати на 1-ви мај наместо скапи коктели во скапи хотели, во скапи ресторани да направат првомајски протест на кој ќе покажат дека платите во Македонија се ниски.

„Борбата за зголемување на платите, борбата за работничките права која ја правиме по повод Меѓународниот ден на трудот е борба која започнала неколку стотина години порано во Чикаго кога животот го загубиле луѓето кои протестирале за осум часовен работен ден во светот. Но, клучно е тоа што знаеме дека денеска во Македонија за жал имаме 12-часовен работен ден, шест дена во неделата заради измените на Законот за работни односи кои се случија пред неколку години, а нешто што беше потврдено дури и од Уставниот суд што сметаме дека е жалосно да Македонија како земја кандидат за членка на Европската Унија да има работно време кое го нема на ниту едно место во Европа и затоа уште еднаш ја користиме приликата денеска да ги повикаме работници да ни се придружат на 1-ви мај сите што сметаат дека треба да ја поддржат работничката борба затоа што 1-ви Мај не е ден за скара и за веселби, туку е ден за изразување на борбата на работниците која години наназад се изразува. ССМ повторно ја врати и ја воведе традицијата од 2018-тата година за излегување на 1-ви Мај, а претходно Сојузот на синдикатите на Македонија за жал неколку години не излегуваше да протестира, не излегуваше да бара зголемување на работничките плати и не излегуваше на одбележување на 1-ви Мај на улица преку протести, но сметаме дека овие години покажавме дека оваа традиција не смее да замре без оглед на тоа дали е продолжен викенд, дали е во средина на недела или слично…“, истакна Трендафилов.