Нов, петти случај на западнонилска треска регистриран во земјава. Пациент од струмичко една недела е хоспитализиран на Инфективната клиника. Во наодот нема податок дали 62-годишниот маж патувал надвор од Македонија.
Пред 10 дена на инфективна почина 78-годишен жител на Чешиново-Облешево поради компликации од вирусот.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска информираше дека починатиот пациент од Западно-нилската треска од кочанско, при епидемиолошката анкета, дал податок дека не патувал никаде.
-Лицето изјавило дека имало вознемиреност, омалаксаност, губење на свест и температура. Кај Западно-нилската треска, 80% не дава симптоми, 20% се со благи симтоми на грип, а кај помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем, појасни Андоновска во изјава за медиумите, нагласувајќи дека како институт поседуваат тестови за детектирање и потврдување на болеста.
Според директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, најверојатно пациентот живеел сам. Членовите од неговото семејство го нашле „паднат“.
-Куса е анамнезата, дали и што примил…Никој не може да каже колку дена претходно бил болен. Кога доаѓа тука, кажува еден ден претходно, а тој можеби бил повеќе време, информира директорот на Инфективна.
-Опасност од ширење на болеста? Не можам да кажам дека има или нема затоа што резервоар на тоа се инсектите и преку каснување на комарец… Секој може да се зарази, но не значи дека секој комарец го пренесува. Статистиката тоа го кажува. Единственото нешто што може да се превенира е да се спроведат програмите за дезинсекција, додаде Цана.
Годинава во земјава биле регистрирани 4 случаи на Западнонилска треска, меѓу кои и сега веќе починатиот од општина Чешиново-Облешево.