Цената на гасот во Европа денеска се искачи над 2.450 долари за 1.000 кубни метри, првпат од 8 март, покажуваат податоците на лондонската берза ICE. Од почетокот на денешното тргување цената скокна за повеќе од 6,0 отсто, пренесува агенцијата ТАСС.
Гасот за испорака во септември беше договорен во холандскиот центар ТТФ по цена од 2.464 долари за илјада кубни метри, или 234,5 евра за мегават-час (MWh), по тековниот курс на доларот во однос на еврото.
„Газпром“ претходно денеска објави дека неговиот извоз на гас во земјите надвор од Заедницата на независни држави (ЗНД) е намален за 34,7 отсто на 75,3 милијарди кубни метри во периодот јануари-јули 2022 година.
Гасоводот „Северен Ток 1“ со кој се транспортира гас од Русија до Европа, работи од 27 јули со околу 20 отсто капацитет поради исклучување на две гасни турбини. Една од турбините се наоѓа во Германија, каде што е испорачана по ремонтот што го изврши „Сименс енерџи“ во Канада, а „Газпром“ на 25 јули објави дека поради поправки на моторот бил принуден да ја исклучи втората турбина во компресорската станица во Портоваја.
Следствено, само една турбина сега е во функција.
Покрај тоа, операторот на системот за пренос на гас на Украина го прекина транзитот на гас за Европа преку станицата Сорановка од 11 мај, поради виша сила. Како резултат на тоа, „Газпром“ ја снабдува Европа со гас преку Украина само преку пумпната станица за гас во Суж, бидејќи украинската страна ги отфрла барањата да пумпа преку Сорановка, наведува ТАСС.