
Во Интернет истекоа многу податоци за корисници на социјалната мрежа Facebook. Ова се наведува во извештајот објавен вчера на веб-страницата на меѓународната компанија за заштита на информации UpGuard, објавија Асошиејтед прес и ТАСС.
Излегува дека податоците биле складирани нелегално на облачен сервер на Amazon од две компании, кои претходн развиле апликации за Facebook.
Двете компании се мексиканската Cultura Colectiva и американската At the Pool. Информациите не биле заштитени со лозинка и секој можел да ги добие.
Мексиканската компанија складирала околу 146 гигабајти кориснички податоци на Facebook, вклучувајќи околу 540 милиони нивни коментари, како и имиња на сметки. Американската фирма пак ги поставила податоците на речиси 22.000 корисници на социјалната мрежа во облак – имиња, е-пошта, адреси и домени.
UpGuard објави дека додека базата на At the Pool била отстранета многу брзо од отворен пристап, податоците од Cultura Colectiva биле достапни најмалку неколку месеци, и покрај повторените сигнали до сопствениците и операторите на Amazon.
Ова е уште еден пример за проблем со истекување на податоци на Facebook. Во 2018 година стана јасно дека платформата илегално ги споделила податоците од 87 милиони корисници, главно во Соединетите Држави, со Cambridge Analytica.
И покрај некои добри достигнувања во спречувањето на обидите за мешање на изборите, Facebook не може да гарантира дека нивната платформа нема да биде искористена за да влијае на изборите за Европскиот парламент во мај, рече пак вчера Марк Зукерберг.