Институтот за јавно здравје утрово информира дека во доцните вечерни часови на 12 август, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања телефонски бил известен за позитивен резултат на конго-кримска хеморагична треска од направените тестови на материјал добиен од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Заболеното лице е маж на возраст од 42 години, од Велес, трансфериран на Клиниката од Општа болница Велес, истиот ден.
Од Институтот информираат дека почетокот на симптомите на покачена температура до 38°Ц, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење, е 5 дена пред прегледот во Општата болница во Велес.
Ова е трет регистриран случај, откако минатиот месец беше откриен кај 27-годишната штипјанка која почина брзо по дијагностицирањето на вирусот.
На болничко лекување е болничарка од Инфективната клиника која прима антивирусна терапија и според последните податоци е во стабилна здравствена состојба.
Во изолација се 11 лица кои имале контакт со заразената болничарка, од нив 10 се од потесното семејство.
Конго-кримската хеморагична треска се пренесува преку убод од заразен крлеж, а може да се пренесе и преку директен контакт со контаминирана крв. Болеста е смртоносна во 40 проценти од случаите и има брза прогресија.