Новата руска подморница на нуклеарен погон Цар Александар Трети успешно ја тестираше балистичката ракета Булава, дизајнирана да носи нуклеарни боеви глави, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Истрелувањето на балистичка ракета е последниот елемент од тестот, по што ќе се донесе одлука за прифаќање на крстосувачот во морнарицата“, соопшти Министерството за одбрана на Телеграм.
Претседателот Владимир Путин инсистира Русија да го задржи своето нуклеарно одвраќање за да се спротивстави на, како што ги нарекува, растечките безбедносни закани, додека врските меѓу Москва и Западот паднаа на ниско ниво поради војната што Русија ја започна во Украина во 2022 година.
Интерконтиненталната балистичка ракета, лансирана од подводна позиција во Белото Море во близина на северниот брег на Русија, погоди цел оддалечена илјадници километри на полуостровот Камчатка на рускиот Далечен Исток, јави Ројтерс.
Министерството не соопшти кога се одржало тестирањето.
Стратешкиот ракетен крстосувач од класата „Бореј“ е опремен со 16 ракети „Булава“ и модерно торпедно оружје, беше соопштено.
Во декември Путин присуствуваше на свеченото спуштање на подморницата „Цар Александар III“ во морето, објави државната новинска агенција ТАСС.
Воената морнарица има во служба три подморници на нуклеарен погон од класата „Бореј“ – една е при крај со тестовите, а уште три се во изградба, соопшти Министерството за одбрана.
Ракетата „Булава“ долга 12 метри, со проценет дострел од приближно 8.000 километри, може да носи до шест нуклеарни боеви глави. Таа стана камен-темелник на поморскиот дел на руската нуклеарна тријада.