Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Расмус Хојлунд ќе ги пропушти следните две или три недели, соопштија од клубот.
Причина за ова е повреда на мускулот што ја добил на тренинг.
Ова е уште една лоша вест за „црвените ѓаволи“, откако пред само неколку дена стана јасно дека и Лук Шо ќе биде надвор од теренот барем до средината на мај. Лисандро Мартинез, Тајлер Маласија, Мејсон Маунт и Арон-Ван Бисака се уште се повредени.
Хојлунд штотуку влезе во многу силна форма и забележа вкупно седум гола и две асистенции во неговите последни шест натпревари за тимот. Тој пристигна на „Олд Трафорд“ летото од Аталанта за нешто повеќе од 70 милиони евра и досега има постигнато вкупно 13 гола.
Ова е вкупно трета повреда на Хојлунд по неговото доаѓање во Манчестер Јунајтед, а напаѓачот исто така пропушти еден натпревар поради болест.