Нов закон за здруженија и фондации: Бугарските клубови во Македонија имаат три месеци рок за да си ги сменат имињата

од Берта Китинска
174 прегледи

Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. И двата закони се донесоа по скратена постапка.

Предложените законски измени на двете партии успедија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според усвоените измени во Законот за здруженија и фондации, отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои шират расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

Слични содржини