Нова блокада кај „Жена борец“ поради институционалнатa игноранција и насилството врз жените

Движењето „Ниту една повеќе!“ повикува на блокада денес од 18 часот пред паркот „Жена Борец“

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство

По минатонеделниот протест, движењето „Ниту една повеќе“ денес во 18 часот повикува на блокада на раскрсницата кај паркот „Жена борец“ во Скопје, со цел граѓаните да се вклучат во заедничка борба против насилството врз жените.

-Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе, велат оттаму.

Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и заедно да ја испратат пораката против насилството врз жените и, како што велат, културата на неказнивост што го одржува овој проблем.

Граѓаните го вклучија алармот, поради како што велат колективниот крах на системот и игнорантскиот однос на надлежните по смртта на Росица и нејзиниот татко. Минатата недела со пароли во рака побараа одговорност, оставки и дисциплински постапки за полицајци, обвинители и вработени во Центрите за социјална работа.