Нова Декларација, стари обврски: „Опозицијата сака да го поттурне процесот, иако и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го запираат патот на евроинтеграциите“

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат за евроинтеграциите: „Ако веќе зборуваме за црвени линии, тогаш првата треба да биде да не ја убиеме шансата за консензус за подобра иднина само затоа што некој друг ја предложил“

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин

„Премиерот Христијан Мицкоски еднаш бара конструктивност, а друг пат одбива каков било предлог“, велат од СДСМ. Лидерот на опозицијата, Венко Филипче жали што Мицкоски не ја прифатил идејата во Собранието да се донесе заедничка Декларација со македонските црвени линии, а ако има ново вето, да запрат преговорите со Брисел. Лидерот на социјалдемократите смета дека евроинтегративниот процес на Македонија стагнира додека напредува за Албанија и Црна Гора. За таа цел СДСМ подготвува документ кој неделава ќе го достави до партии, а во него ќе бидат содржани јасно дефинирани линии како државата да оди напред кон Европа. Филипче останува доследен на ставот за вметнувањето на Бугарите во Уставот оти според него со тоа се правела јасна дистинкција дека станува збор за два различни народи.

Премиерот предлогот на Филипче го оквалификува како нова „итроштина“. Шефот на владата вели дека СДСМ и ДУИ ги потценуваат граѓаните и играат на картата на кратка меморија. Потсети дека таква декларација имаше во Собранието да не се прифаќаат ултиматуми од Софија, па како што рече, прифатија сè.

Потребна Декларација или предизборен фолклор?

Дел од јавноста е поделена околу најавената Декларација. Извршниот директор на „Преспа институтот“, Андреја Стојковски од една страна се согласува со Владата и со претседателката Сиљановска, велејќи дека конcензусот за клучни национални прашања, како што е евроинтеграцијата, не се гради на половина пат, туку на самиот почеток.

-Црвени линии се утврдуваат кога позициите се сѐ уште стабилни. Но, морам да потсетам дека општествениот консензус за пристапувањето во Европската Унија не само што постои одамна, туку е еден од најдолготрајните и најотпорни ставови во нашето општество.

Андреја Стојковски/Фото: Фејсбук

-Од другата страна, ја разбирам и опозицијата, и потребата да се поттурне процесот — не само со декларации, туку со тоа што ќе се добие јасна, јавна и политички обврзувачка изјава од страна на Владата за тоа што точно се планира и очекува од натамошниот тек на преговорите. Транспарентноста или јасноста, визионерството во клучни моменти не е слабост, туку доблест, особено кога станува збор за европската иднина на државата. Затоа, доколку декларацијата има за цел да го зацврсти тој консензус и да создаде заедничка рамка за државно делување — таа може да биде полезна. Во пристапниот процес, а уште повеќе во членството во ЕУ, консензусот не е реторика, туку начин на функционирање. Европската агенда бара кохезија и добро подготвени позиции, вели Стојковски во разговор за „Локално“.

Запрашан зошто во земјава се одбиваат предлози од спротивната политичка страна по дифолт, соговорникот жали што овие случувања ја отсликуваат длабоката партизација на нашето општество. Вели дека наместо да се гледаат суштината и ефектите на било кој предлог, за предлозите се реагира според тоа од кого доаѓаат. И тоа не е новина — таквите практики ја слабеат нашата демократска култура, а со тоа и државата, констатира Стојковски.

-Европеизацијата на општеството подразбира и пракса на прифаќање на добрите идеи, како нешто што нема партиска припадност. Одбивањето „по дифолт“ на сѐ што доаѓа од другата страна го убива просторот за соработка, а без соработка нема напредок, особено не на европскиот пат. Премногу време и генерации сме изгубиле во политички препукувања. Време е да ја добиеме иднината што нашите деца ја заслужуваат. Минатото може да биде најромантично, но иднината е онаму каде што одиме и каде што нашите деца го наоѓаат својот живот.

Оттаму, ако веќе зборуваме за „црвени линии“, тогаш првата треба да биде токму тоа: да не ја убиеме шансата за консензус за подобра иднина само затоа што некој друг ја предложил, истакнува Стојковски.

Со свој став околу Декларацијата и Ивон Величковски, лидер на партијата Движење за нова република. Според него, „и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го запираат патот на интеграциите“.

-Нијансите не не’ интересираат кога ефектот е погубен и за македонскиот народ и за нацијата на Северна Македонија. Преговарачката рамка е јасна, како и нашите обврски во неа. Ништо повеќе или помалку.

Ивон Величковски/Фото: Принтскрин

Еден од условите што го поставивме за опозициска соработка како Нова република беше до 16 јануари да биде поднесен амандманот за дополнување на Преамбулата и соодветно членовите во Уставот. Тоа беше потребно. Овие „декларации, политички дијалог“… се патетики на квартетот Мицкоски, Силјановска-Давкова, Муцунски и Филипче за по партиски средби и држење лажни теми во медиумите на македонски јазик, стои во интегралниот одговор на Величковски за „Локално“.

За евроинтеграциите се огласи и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски. „Од една страна зборува за уставни измени, од друга за откажување од преговорите ако има ново вето. Таков пристап не носи сигурност, туку неизвесност за правецот во кој треба да оди државата“, возврати министерот за надворешн. Тој упати критика до СДСМ И ДУИ и нивната политика на како што вели брзи потези и празни ветувања. Двете партии, според првиот човек во МНР, со заедничките документите што се носеа во Собранието не донеле сила, туку слабост – биле дерогирани веднаш штом ќе се појавел предизвик.

„Нашиот пат е поинаков. Работиме на решенија што носат траен напредок – не на блокади што се повторуваат. Подобро е да покажеме трпение и мудрост, отколку да направиме потег кој утре ќе биде уште поголем товар за државата. Тоа е државнички пристап: да мислиме на денес, на утре и на задутре. Има уште една важна разлика. За нас европската иднина не е празна фраза – таа значи борба против корупцијата, модерна администрација, дигитализација, инвестиции во патишта, инфраструктура и нови можности за граѓаните. Ние веруваме дека резултатите дома создаваат почит надвор“, порача Муцунски.

Н.П.