Нова демократија бара од Ципрас да ја објасни неговата изјава за Македонија

од desk2
94 прегледи

Портпаролката на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија побара од премиерот Алексис Ципрас да ја објасни изјавата која што ја даде во врска со прашањето за името на Македонија во Белград.

Марија Спираки побара Ципрас да каже дали се уште важи националната позиција формирана на Самитот на НАТО во Букурешт, дека евентуалното решение за името мора да биде за севкупна употреба, односно „ерга омнес“.

Грчкиот премиер во саботата на прес-конференција во Белград кажа дека очекува позитивни случувања во однос на прашањето за името со Македонија, доколку владата во Скопје се одлучи да направи чекори напред.

– Сметам дека 2018 може да биде година од пресудно значење за проблемите за кои со години се занимаваме со Поранешната југословенска Република Македонија. Можеби 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред кон решавање на тој проблем. Ако тие се откажат од реториката дека се единствени потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива безбедност и сигурност на соседната земја, изјави Ципрас.