Ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор се соочува со сериозни закани поради неговата наводна сопственост во неколку фудбалски клубови, што може да доведе до конфликт на интереси со неговата играчка кариера. Имено, бразилската компанија „Tiberis Holding do Brasil“ поднесе жалба до етичкиот комитет на ФИФА, кој ќе започне истрага.
Според информациите споделени од угледниот новинар Џанлука ди Марцио и шпанскиот спортски дневен весник Марка, се вели дека Винисиус е вклучен во сопственичките структури преку „ALL Agenciamento Esportivo“, со кој управува неговиот татко и агент Тасило Соарес.
Приказната стана контроверзна по продажбата на бразилскиот клуб Атлетико де Сао Жоао дел Реј, каде компанијата „Тiberis“ имаше 16,5 отсто од акциите, но остатокот од акциите потоа беа купени од „ALL Agenciamento Esportivo“, што предизвика реакција кај Тиберис.
Поради ваквата ситуација, Тиберис поднел жалба до ФИФА, повикувајќи се на етичките насоки во прописите на ФИФА, како и на одредбите на Шпанската фудбалска федерација кои им забрануваат на активните фудбалери да поседуваат акции во фудбалските клубови.
Правилата јасно кажуваат дека сопственоста на фудбалерите може да влијае на регуларноста на натпреварувањето и да предизвика потенцијален конфликт на интереси, па дури и негативно да влијае на спортските резултати или да привлече други играчи на нетипични начини.
Покрај бразилскиот клуб, Винисиус се поврзува и со португалскиот второлигаш Алверка, а доколку комисијата на ФИФА го прогласи за виновен, Бразилецот се соочува со двегодишна суспензија или како алтернативна казна парична казна. Исто така, тој би можел да биде принуден да го продаде својот удел во тие клубови за да избегне дополнителни правни последици.