Новиот пакет мерки ќе тежи педесет милиони евра а како што е најавено, веќе од следниот месец треба да се реализира.
Новиот пакет на економски мерки ќе биде наменет за граѓаните и компаниите за справување со последиците од коронакризата.
Петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании. За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра. Реализацијата на Петтиот сет економски мерки согласно плановите ќе започне во февруари, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување на 24 Анализа на Телевизија 24.
„Првично обезбедивме Буџет за 2021 година во П1 програмата преку која се спроведуваат мерките за Ковид 19 и имаме обезбедено 50 милиони евра. Мерките веќе ги дизајниравме и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници и слично“ кажа Бектеши.
За петтиот пакет економски мерки вчера се огласи и Сојузот на синдикатите на Македонија.
-Субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата, рекоа од ССМ.
За доделување на оваа помош тие бараат еден од главните услови за да биде враќање на работниците кои биле испуштени од работа, а исто така по користењето на мерката работодавачите да мора да ги задржат работниците најмалку три месеци.
Министерот потенцираше дека мерките како и досега ќе се креираат во соработка со Стопанските комори во рамки на јавно-приватниот дијалог.
„Сите мерки и предлози ќе бидат дискутрани со Стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме“ кажа министерот.