Нова хуманитарна помош од САД за Појасот Газа

од Radmila Tasevska
224 прегледи

САД денеска најавија дека ќе испратат хуманитарна помош од уште 53 милиони долари за Палестинците во Појасот Газа, каде Израел војува против Хамас.

Американска агенција за меѓународен развој (УСАИД) соопшти дека помошта ќе пристигне преку Светската програма за храна и невладините организации, бидејќи Израел и западните сили ја избегнуваат агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

Директорката на УСАИД, Саманта Пауер истакна дека помошта „мора да стигне до луѓето на кои им е потребна“ и дека „хуманитарните работници во Газа кои ги ризикуваат своите животи за да им донесат храна на луѓето на кои очајно им е потребна, мора да бидат заштитени“.

Од 7 октомври 2023 година, од почетокот на војната во Појасот Газа, САД испратија вкупно 180 милиони долари итна помош за Палестинците.

УНРВА има 30.000 вработени во окупираните палестински територии, Либан, Јордан и Сирија. Израел обвини дека 12 вработени во УНРВА биле вклучени во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, а САД и некои други земји го прекинаа финансирањето на Агенцијата.

Слични содржини