Нова кривична за екс-директорот на „Комуналец“ – склучувал договори кои не можат да се реализираат

Рустеми доби кривична за злоупотреби со договори вредни 68.500 евра

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук

Нови сомнежи за злоупотреби во скопски „Комуналец“. Финансиската полиција поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба на поранешниот директор Сабахудин Рустеми. Рустеми е осомничен дека со свои познаници склучувал фиктивни договори за интелектуални и сметководствени услуги иако знаел дека немале соодветна експертиза. За таа намена се потрошени 68,5 илјади евра.

– Пријавениот С.Р. во својство на в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје, со намера да ги исцрпи сите предвидени финансиски средства од склучениот Договор за интелектуални услуги со правниот субјект ВЕДА ДООЕЛ Скопје, во текот на 2025 година, два дена пред истекот на важноста на договорот, како и ден пред неговото завршување, во име и за сметка на претпријатието склучил пет договори со физички лица, во вкупен износ од 3.608.708 денари, од кои два фиктивни договори со висока нереална вредност од по 775.000 денари за интелектуални услуги – давање совети, имплементирање нови техники за заштита на животната средина во вкупна вредност од 1.550.000 денари, со лица кои биле негови лични познаници и за кои бил свесен дека немаат никаква експертиза во областа на заштита на животната средина. И покрај тоа што бил свесен дека услугите не се извршени, нема да бидат извршени, ниту постои објективна можност да бидат извршени во времетраење на договорот со авторската агенција, склучил три договори со физички лица во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување годишна сметка во вкупна вредност од 2.058.708 денари, иако бил свесен дека едно од лицата немало никаква експертиза во вршење сметководствени услуги и не е регистрирано како овластен сметководител во Регистарот на овластени сметководители – стои во соопштението од Финансова полиција.

По престанокот на важноста на договорот за интелектуални услуги со правното лице ВЕДА ДООЕЛ Скопје, односно откако пријавениот бил одвратен од намерата да го доврши кривичното дело „Проневера во службата” од член 354 ст.2 в.в ст.1 од КЗ на РСМ и да ги исплати средствата, поради навремено откривање на делото од страна на Управата за финансиска полиција, спровел нова постапка и склучил нов договор со правниот субјект ЕСИ СОЛУШН ДООЕЛ Скопје за интелектуални услуги, преку кој склучил договор со трето лице и ангажирал возило (камион) за собирање смет, потпишал патни налози и исплатил 604.461 денари спрема авторската агенција.

Според овие дејствија, Финансова полиција смета дека постои основано сомнение дека пријавениот постапил спротивно на член 40 и член 41 од Законот за јавни набавки (Службен весник на РМ бр.24/19 и бр.87/21) и спротивно на утврдените начела на јавните набавки и тоа: начело на економичност, ефикасност и ефективност на користењето јавни средства, начело на конкуренција помеѓу економските оператори, начело на транспарентност, начело на еднаков третман и недискриминација на економските оператори и начело на сразмерност, предвидени во членовите 4-8 во ЗЈН, односно склучил фиктивни договори и договори без да биде спроведена јавна набавка, на кој начин ги сторил кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување”, „Фалсификување исправа” и „Проневера во службата“– во обид, а со намера да овозможи корист на договорните физички лица во вкупен износ од 4.213.169 денари.

Рустеми од октомври минатата година се наоѓа во притвор, откако против него и уште едно лице беше отворен кривичен предмет, поради основано сомнение за сторено дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик. Според обвинителството, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на обврските од Оперативната програма за собирање и транспортирање комунален отпад, што резултирало со создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини во Скопје.