Нова кривична за екс-градоначалникот Костадинов, се сомничи дека го оштетил Буџетот на општина Струмица за над 668 илјади денари

Кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ против поранешниот градоначалник на Струмица и двајца вработени во општината

од Nikola Popovski
83 прегледи Фото: Фејсбук

СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов и Б.Ш.(64), поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против И.Г.(54) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавената И.Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање на приходи при општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1. Ваквото ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови кои согласно класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Исто така, И.Г. во три од четирите решенија, во отсуство на пријавениот Б.Ш., се потпишала и во полето Потврдил-контролирал.

Пријавениот Б.Ш., во својство на Раководител на Секторот за финансиски прашања при општина Струмица и пријавениот К.К., во својство на градоначалник на општина Струмица, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по тие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени од И.Г.. Со ваквите дејствија пријавените лица го оштетиле буџетот на општина Струмица за износ од 668.388 денари.

Пред две недели беше објавено дека Костадинов и уште 5 лица се сомничат дека несовесно работеле и ја злоупотребиле постапката за набавка електричните автобуси со кои цела година се врши јавниот градски превоз во општината, соопшти МВР на 4-ти декември. Костадинов доби пријава за Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приванто партнерство, кривично дело за кое се товари и лице од Скопје кое било одговорно за реализацијата на договорот иако не ги поседувало потребните квалификации.

„Пријавениот К. К., во својство на поранешен градоначалник на Општина Струмица, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП ‘Струмица-Транспорт’ од Струмица со ангажирање на пријавениот Г. П. како одговорно лице задолжено за одговори на технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементацијата и целосна реализација на договорот, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери. Исто така, пријавениот К. К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г. П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси“, се вели во информацијата на МВР.