Нова „партија“ фудбал кај Груби: Сорос шутираше топка

од Nikola Popovski
158 прегледи

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се пофали со нова слика од играње фудбал во неговиот кабинет. Овој пат топка на мали голчиња шутираше претседателот на фондацијата „Отворено општество“, Александар Сорос.

-Пријателски разговор околу актуелната политичка ситуација, европската перспектива на земјата и целиот регион со американскиот филантроп и претседател на фондацијата “Отворено општество“, г-дин Александар Сорос, напиша Груби на социјалните мрежи.

Последната „рекреација“ во министерскиот кабинет на Груби предизвика бурни реакции во јавноста, откако беа објавени фотографии како првиот вицепремиер заедно со останатите колеги-министри кои доаѓаат од ДУИ, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Јетон Шаќири, како и нивниот доскорешен колега Насер Нуредини, решиле да се опуштат после работното време, играјќи фудбал и кошарка.

-Не беше во работно време, но и да беше. Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутирваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно, објасни Груби пред една недела.

Тој додаде дека речиси и да нема странски амбасадор кој не играл фудбал во неговиот кабинет.

-Пред некој ден, на пример, Словакот беше последниот што шутираше и вие објавивте, во порталите беше. Тоа не беше скандал, ова денеска е скандал. Ова е таа хистерија за која зборувам, за двојните стандарди, за селективни правди, за измислување теми само за да се дефокусира со нешто, додаде Груби.

Александар Сорос е син на познатиот филантроп, основач на фондацијата „Отворено општество“ Џорџ Сорос.

Слични содржини