Нова поетска книга „Долините на душата“ од битолчанецот Кире Неделковски

од Vladimir Zorba
87 прегледи

Поетот од Битола Кире Неделковски ја објави својата нова поетска книга „Долините на душата“, издание на издавачката куќа „Панили“ од Скопје.

Станува збор за педесестина песни во кои поетот го дополнува својот духовен дневник со новите сознанија и размисли за животот и минливоста.

Љубопитниот поет проверува многу размисли за светов во кој живееме, проверува многу промени кои брзо го менуваат животот. Духовниот дневник е полн и со натприродни размисли за животот и времето кое ги голта годините.

Војувањето со времето е војување со неименливото и со обидот да се опстојува некаде во невидливата иднина или во безмерноста на духот. Оваа медитативна поезија ги обновува сеќавањата за Прличев, Конески, Живко Чинго и други автори за кои Кире Неделковски размислува и пишува свои согледувања. Цврстата тематска целина која духовно опстојува во „Долините на душата“ е дополнета со обемниот поговор од професор д-р Даниела Андоновска – Трајковска и насловната корица на слика од академик Васко Ташковски.

Кире Неделковски има објавено дваесетина поетски книги и неколку избори во „Матица“. Учествува на сите поетски фестивали во Македонија, а застапуван е во повеќе избори и антологии.