Нова регионална платформа: Зошто Србија и БиХ не се дел од „Западен Балкан КВАД?

од Nikola Popovski
523 прегледи

Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора во средата во Скопје лансираа нова регионална платформа наречена „Западен Балкан КВАД – 100 процентна усогласеност со надворешната политика на ЕУ“. Платформата е креирана од министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на црногорскиот премиер Ѓорѓе Радуловиќ. Тема на нивната средба во Скопје, се прецизира, дека била „целосната усогласеност на четирите земји од групата КВАД со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност, хибридните закани, енергетската криза. и економските последици предизвикани од руската инвазија на Украина“. Сепак, дел од соседството реагира на тоа што во платформата не се повикани и Србија и БиХ. Од Црна Гора и Србија дури стигнаа обвинувања дека „ова е нов чекор кон Голема Албанија“.

Даут Даути

Дел од македонската експертска јавност не смета дека оваа иницијатива го исклучува регионалниот сојуз Отворен Балкан. Политичкиот аналитичар Даут Даути во разговор за „Локално“ вели дека ако правиме споредба, и Отворен Балкан почна како иницијатива само на три земји, па потоа беа поканети другите земји да се приклучат.

-Поради некои отпори од соседството(Косово), беше објаснувано дека тоа потекнало од Берлинската иницијатива и тн и во меѓувреме беа поканети и другите земји скептични(Косово и Црна Гора), истакнува Даути.

Оценува дека веројатно има и други специфични моменти кои можеби оваа иницијатива ја прават на ваков состав.

-Прво, таа не изгледа како регионален сојуз, туку како една платформа за олеснување на патот нашите земји кон ЕУ, со некои одредени теми поврзани и за Украина, која е чувствителна тема за Србија и нефункционалната БиХ. Можеби токму тие не сакале во овој момент да се вклучат на таква платформа, во која е Косово, во времето кога овие земји работат на регулирање на нивните односи… Тоа се само можни причини, ни вели соговорникот.

Сепак, порачува дека со новата регионална платформа се повторуваат сомнежите кои ги имаше со „Отворен Балкан“, а тоа дека е преку него Србија „ја обновува Југославија“, омилена теза во Косово и дел од албанската критичка јавност, за да воспостави нерамноправни односи во регионот.

-Сега со сомнежот за создавање на Голема Албанија, што е далеку од вистината, бидејќи тоа би значело дека Македонија и Црна Гора го помагаат! Добро е што Косово се приклучува, затоа што на Косово имаше многу произволни толкувања и конфузија околу Отворен Балкан, каде што не се приклучи и покрај „барањето“ на Србија, со што на индиректен начин Србија го признаваше учеството на Косово како рамноправна со други земји, а не како провинција, но тоа на Косово не беше така сфатено.  Се на се, една интересна платформа од регионален карактер, за чии ефекти допрва треба да видиме, заклучува Даути.

Горан Тасковски

Поранешниот македонски амбасадор во Турција, Горан Тасковски смета дека непоканувањето на Србија и БиХ во оваа иницијатива е исто како квизот „Најслаба карика“.

-Прво да се постројат најпослушните, да се моделираат како пластелин, а во меѓувреме можеби слабата карика ќе стане поцврста и послушна, можеби ќе биде дисциплинирана да игра според приватните правила на одредени судии, или алтернативата ќе биде промена на правилата и преземање на целата иницијатива од друг полабав, пореален и попрактичен судија, вели тој за „Локално“.

Тасковски прашува зошто мора да има некаква криза, појава или некој друг настан за да дојде до поврзување на регионот.

-Дали навистина сме толку наивни и вклучени во машинеријата на глобализмот, што не можеме или не сакаме да видеме и признаеме дека ако не сите, но многу значителен број на ЕУ држави тајно, потајно, па и отворено има соработка со Русија.

За балканските држави не треба да има алиби за поврзување на регионот, ако на сите кои живеат на полуостровот им е до реален и вистински напредок, треба недвосмислено и без да ја прашат мама, класната, директорот, да преземат конкретни чекори за конечено ослободување на Балканот од светските канџии и да се спроведе ерата на ослободувањето на Македонија и на целиот Балкан, објаснува дипломатот.

Порачува дека времињата се менуваат и дека наредниот период ќе донесе многу новитети и различни политики од досегашните, да бидеме во текот со времето и да се фокусираме на прилагодувањето кон новите позитивни предизвици.

-Јас би советувал сите да си го негуваат сопствениот двор за да биде зелен, естетски убав и да цветаат разновидни цвеќиња, бидејќи во спротивно може да се исуши се, и да се изгуби и тоа што се има, укажува Тасковски.

Илузија и големи фантазии, вели соговорникот, така може да се карактеризира се што сака да стане големо, политички примитивизам, со цел добивање на домашни политички поени или предизвикување на страв, несигурност и послушност.

-Никогаш вештачкото не можело да трае долго, било создадено за одредени цели во минатото, но вештачкото е вештачко, додека природното со корен и оригинален ген живее засекогаш, колку и да се обиде некој да го уништи, асимилира или покрие за да не се гледа. Историјата покажува која реална природна појава сеуште  постој и е присутна од памти век до ден денес, од тоа не се бега и треба да биде поучно за сите во иднина, заклучува поранешниот амбасадор.

Н.П.

Слични содржини