Обвинителката од Вишото јавно обвинителство Наташа Крстевска Цалева ќе ја презема функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Предлогот на Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски го поддржаа обвинителите како најсоодветен за оваа функција во актуелните состојби во Вишото обвинителство и во време кога Хајрулахи е оддалечен од позицијата. Најдоцна дошла и е со неоспорен интегритет, професионалец пред сè, тврдеа нејзините колеги од Скопското од каде таа дојде во Вишото обвинителство.
Ваквата одлука беше едногласно донесена денеска на седница на Советот на јавни обвинители, каде што беше посочено дека вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи не може да раководи со Обвинителството со оглед на тоа дека против него се води кривична постапка.
Врз основа на наодите за констатираните состојби од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, во месец декември минатата година, Коцевски доставил предлог за поведување дисциплинска постапка против шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи и еден јавен обвинител.
Од Јавното обвинителство тогаш информираа дека Коцевски ги разгледал записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучил до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
На крајот на јануари беше поведена дисциплинска постапка против вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи поради утврдени неправилности во начинот на заведување на предметите Обвинителството. Хајрулахи беше реизбран за виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје во декември 2022 година. Кон крајот на минатата година тој беше суспендиран од функцијата откако против него беше покрената истрага и поднесена кривична пријава. Јавното обвинителство на РСМ тогаш соопшти дека против јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување.
Претседателката на Советот, Душица Димитриеска не сакаше да се впушта во коментари како би постапиле доколку тие дојдат на дневен ред за интерпелација како членовите на Судскиот совет и барањата на премиерот доколку им биде изгласана интерпелација во Собранието да си поднесат оставки како морален чин. Во случај на интерпелација запрашана дали ќе си даде оставка, Димитриеска го повтори својот став дека не би се „впуштила во моментот понатаму“.
ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа интерпелација за работата на 5-те членови на Судскиот совет кои ги избира Собранието. Побарана поддршка од сите опозициски партии. Неодамна владејачкото мнозинство не го прифати извештајот за работата на Судскиот совет за 2023.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случува со Советот на јавни обвинители, кој исто така беше на мета на критики на власта, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека во наредниот период ќе следуваат многу реформи, меѓутоа истакна дека не сака да зборува со заканувачки тон и дека треба да се остави времето да покаже какви промени ќе следуваат.