Седум лица загинаа во две лавини во саботата на француските Алпи, соопштија властите, откако предупредија во петокот за нестабилноста на снежната покривка поради затоплување.
Првата смртоносна лавина започна доцна наутро во општина Валоар, на превојот Галибие, на надморска височина од 2642 метри. Четири лица на возраст од 42 до 76 години од околината на Гренобл го загубија животот.
Две групи планинари, во кои имало три или две лица, биле закопани, а само едно лице преживеало откако било пронајдено од службата за спасување. Таа личност поминала неповредена. Во потрагата по жртвите учествувале шест припадници на Службата за спасување, два хеликоптери и две кучиња трагачи.
Втората лавина се сруши околу 14 часот на Монт Пури висока 3799 м, во планинскиот венец Ваноиз. Три лица беа убиени, соопшти полицијата.
Властите во петокот предупредија на опасност од лавини, кои се „многу високи“ викендов, бидејќи овие денови паднаа големи количини на снег, по што се случи затоплување. Пет лица го загубија животот во понеделникот во две лавини во департментот Исереу и Високите Алпи.
Од почетокот на сезоната 2020/2021 година, пред овие лавини во саботата, 28 лица беа убиени во слични околности, соопшти Државната организација за истражување снег и лавина (АНЕНА), која секоја година објавува податоци за жртви.