Нова трансплантација со коска од починат донор, втора во изминатово деноноќие

од Nikola Popovski
10 прегледи

Министерството за здравство информираше за уште една успешна трансплантација со коска од починат донор, втора во изминатово деноноќие. Според МЗ, трансплантацијата е извршена на 19 годишен пациент за корекција на деформитет на стапало како резултат на церебрална парализа.

Во минатото корекција на деформитет се правела со користење на дел од надворешната коска на потколеницата која се земала од пациентот. Притоа се појавувал дефект кој тешко се корегирал. Со користењето на коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна.

-Екипата која ја изврши трансплантацијата ја предводеше проф.д-р Зоран Божиновски со анестезиологот д-р Лилјана Ангелеска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Кристина Јордановска, заедно со средно-медицинскиот кадар Менче Дојчиновска и Оливера Лазаревска.

Експертизата и стручноста остануваат наш императив и силно сме фокусирани на нови методи и процедури во трансплантацијата, вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, информираа од ресорот здравство.

Претходно од МЗ појаснија за успешна трансплантација на Клиника за ортопедија, со имплант, односно коска од починат донор, која е имплантирана на два прста кај 13 годишно дете со брахидактилија. Велат дека за првпат кај нас е извршена ваков тип на трансплантација и детето е со уреден постоперативен тек.

Слични содржини