Повеќе од 40 американски сојузни држави ја тужат компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук и Инстаграм, тврдејќи дека поради свој профит го натушува менталното здравје на младите бидејќи нејзините социјални платформи предизвикуваат зависност и дека ги доведува луѓето во заблуда за безбедноста на нејзините платформи.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Оукленд, државите тврдат дека „Мета“ повеќе пати ја мамела јавноста за тоа колку се опасни нејзините платформи и свесно ги охрабрувал помладите деца и тинејџерите компулсивно да ги користат социјалните мрежи.
„Истражувањето покажа дека користењето на платформите за социјалните медиуми на Мета е поврзано со депресија, анксиозност, несоница, нарушувања во образованието и секојдневниот живот кај младите луѓе, како и со многу други негативни исходи“, се наведува во тужбата.
„Мета ги експлоатираше младите корисници создавајќи манипулативен бизнис модел дизајниран да го максимизира времето што го поминуваат на социјалните платформи, иако тоа му штети на нивното здравје. Мотивот е профит“, се додава во тужбата во која меѓу другото се бараат и големи казни. „Мета ја измами јавноста кога негираше дека нејзините платформи би можеле да бидат штетни за менталното здравје“.
Американскиот хирург Вивек Мурти претходно оваа година повика на акција за опкружувањето на социјалните мрежи повеќе да не им штети на младите корисници.
„Ние сме среде национална криза за менталното здравје на младите и загрижен сум што социјалните медиуми се важен мотор на таа криза што мора итно да ја решиме“, рече тој.
Неколку држави донесоа закони кои им забрануваат на младите да пристапуваат до социјалните мрежи без дозвола од родителите.
„Мета“ одговори дека е „разочарана“ од тужбата и дека сојузните држави не соработуваат со голем број интернет компании за да создадат стандарди соодветни на возраста.
„Мета“ тврди дека развила повеќе од 30 алатки во своите апликации за поддршка на тинејџерите, како и за да им олесни на родителите да ги „обликуваат“ активностите на интернет.
„Мета“ смета и дека е разочарувачки што само таа компанија е издвоена, наместо да бара решенија на ниво на целиот сектор, со ривали како TikTok, YouTube или Snapchat. Социјалните мрежи можат да бидат и место каде младите луѓе кои се борат со други проблеми ќе најдат поддршка или заедница, истакнуваат од компанијата.
Тужбата е резултат на истрага ширум САД, објавена во ноември 2021 година, рече јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.
„Нашата двопартиска истрага дојде до важен заклучок: Мета им штети на нашите деца и тинејџери, развива зависност за да го зголеми корпоративниот профит“, рече тој. „Со денешната тужба ја повлекуваме линијата“.
Истрагата беше покрената откако свиркачот на Фејсбук, Френсис Хауген, објави повеќе од 20.000 страници со внатрешни документи кои поттикнаа критики дека „Мета“ го става профитот пред безбедноста на корисниците.
За време на сведочењето пред американските и европските законодавци во 2021 година, Хауген тврдеше дека Фејсбук не успеал да ја спречи токсичната содржина и не може да му се верува дека ќе се промени. Фејсбук подоцна истата година го промени своето име во Мета, а критичарите веруваат дека причината за тоа е токму дистанцирањето од контроверзите.
Шефот на компанијата, Марк Цукерберг, тогаш тврдеше дека е „длабоко нелогично“ социјалната мрежа за профит намерно да промовира содржина која ги лути корисниците.