Седници на Извршниот и на Централниот одбор на владеjачката СДСМ ќе се одржат денеска во седиштето на партијата во Скопје на кои треба да бидат потврдени кадровските решенија за составот на новата влада. Новиот мандатар се уште не откри кои имиња се во игра само потенцираше дека нема незаменливи функционери.
„Особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата. Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно“, кажа Ковачевски во интервју за МИА.
Според информациите во медиумите во новиот владин тим остануваат Фатмир Битиќи како вицепремиер за економски прашања, Бојан Маричиќ како вицепремиер за евроинтеграции, а министерската фотелја во култура Ковачевски ја планира за новата потпретседателка Бисера Ковачевска, најверојатно во МВР, останува Оливер Спасовски, а својата позиција се очекува да ја задржи и Благој Бочварски во транспорт и врски, како и Горан Милевски во локална самоуправа.
ДУИ останува со истиот кадровски состав во Владата со тоа што Јетон Шаќири ќе се пресли во образование.
Алтернатива влегува во здравство со Беким Сали додека Алити и Чупи ќе ги водат министерствата за администрација и она без ресор задолжено за дијаспора.Планот на Ковачевски е по утрешниот централен одбор, новиот владин состав до собранието да го достави во вторник. Очекувањата се новата Влада да биде избрана пред крајот на идната недела.
Ковачевски, по добивањето на мандатот од шефот на државата, изјави дека планира владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.