Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје, од 1 октомври 2022 година, воведува промени во зонската поделба на јавните паркиралишта, како и промени во дел од цените и надоместоците за услугите на претпријатието, информираат од општина Центар.
„Реорганизацијата на зоните доаѓа по бројните реакции од корисниците за досегашната Зона 01, која причинуваше забуна при испраќање на смс пораките. Следствено на тоа, јавните паркиралишта на ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се класифицираат во три паркинг зони: Зона 0, Зона 1 и Зона 2. Во Зона 0 се опфатени истите сервисни и станбени улици како и до сега: „8-ма Ударна бригада“, „Лермонтова“, „Никола Кљусев“, „Максим Горки“, „Наум Наумовски Борче“ (делот пред раскрсницата помеѓу бул. ВМРО и бул. Партизански Одреди), „Скопска“ и „Орце Николов“ (од бул. ВМРО до Плоштад Македонија). Во Зона 1 се опфатени сервисните и станбени улици во Сектор „Дебар Маало“, Сектор „Парк“ и Сектор „Буњаковец“, а во Зона 2 се опфатени сервисните и станбени улици во Сектор „Капиштец“ и Сектор „Пролет“. Цената за 1 час паркирање во Зона 0 ќе биде 100 денари, во Зона 1 – 70 денари и во Зона 2 – 60 денари. Со овие промени ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територија на општината.
За подобро информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ЈП ПОЦ ќе ги обнови сите информативни табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на корисниците на паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и ќе им овозможи попрегледно и пофункционално паркирање во Општина Центар.
ЈП Паркинзи на Општина Центар, исто така, направи измени и во Ценовникот на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта и Ценовникот на услуги и надоместоци за отстранување и преместување. Новите ценовници се јавно објавени на веб страната на претпријатието www.poc.mk.“ – се вели во соопштението на претпријатието.